Најмладиот македонски милионер има само седум, а најстариот 96 години: Која е скопјанката која лани заработила 7,4 милиони евра?!

Скопјанка чиј идентитет не се открива, лани оствари највисок годишен доход по сите основи, кој е двојно поголем од остварениот во 2019 година, а стружанец остварил највисока плата од 1,7 милиони вера. Од игри на среќа најмногу ќарил тетовец, околу 650 олјади евра, додека највисока пензија од 94 илјади евра на годишно ниво пријавил скопјанец

784

Личноста која лани по сите основи остварила најголем бруто-годишен доход во државата е жена од Скопје. Таа минатата година заработила 453,1 милиони денари, односно околу 7,4 милиони евра. Скопјанката е рекордер и по тоа што заработката што ја остварила лани е двојно поголема од најголемата реализирана во текот на 2019 година.

Со највисока бруто-плата остварена во текот на целата мината година може да се пофали стружанец, на кој индустрија на метали му платила 105,2 милиона денари, односно над 1,7 милиони евра. Највисоката пензија, пак, ја примал Скопјанец, кој по тој основ од странство лани остварил вкупно 5,8 милиони денари, или 94 илјади евра.

Најмладиот милионер со своите седум години „заработил“ над 16.500 евра, а најстариот кој има 96 години остварил заработка од над 74.000 евра. И на двајцата парите им се од закупнини.

Управата за јавни приходи ги соопшти највисоките заработки за 2020 година, врз основа на Годишните даночни пријави што ги изготви и ги достави до обврзниците.

Според директорката Сања Лукаревска, 11 лица заработиле повеќе од сто милиони денари, а 557 имале заработка од 10 до 100 милиони денари. Нешто над 40 илјади граѓани можат да се пофалат со бруто-доход од над еден милион денари, додека 616.024 лица имале бруто-доход од 100 илјади до еден милион денари.

Годишните даночни пријави откриваат дека највисоките плати се поделени во здравството, аптеките, одгледувањето животни, трговијата со тутун и во игрите на среќа.

Најбројни на листата на лица кои по разни основи оствариле најголеми бруто приход се скопјани. Највисокото лично примање по основ на извршена работа изнесува 63,2 милиони денари. Тие пари лани се исплатени за повремено или привремено извршени услуги главно кон компанија за алкохолни и безалкохолни пијалаци. Скопјанец ја има најголемата капитална добивка, која изнесува 151,6 милиони денари, а ја остварил од продажба на сопственички удел. Исто така скопјанец, кој е сопственик на бизнис со моторни возила ја добил највисоката дивиденда од 301,3 милиони денари.

Жителите на главниот град се најбројни и кај заработките од вршење самостојна дејност. Најголемата заработка е 73,5 милиони денари, а меѓу топ десетте дејности со најголемите суми доминираат адвокати, извршители нотари, угостители, елоектроинсталатери и производители на амбалажа од хартија.

Од продажба на земјоделски производи највисок доход од 32,2 милиони денари остварил ресенчанец, а скопјанец го има најголемиот бруто доход од закуп и подзакуп на имот, земјиште, станови, деловни простории… Тој спечалил бруто 50 милиони денари. Негов сограѓанин го има највисокиот бруто-доход од авторски права, кој изнесува 15,4 милиони денари, а од Скопје е и рекордерот по печалба од индустриски права, кому му биле исплатени вкупно 9,2 милиони денари. Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри изнесува 40 милиони денари, а ја освоил тетовец. Негов сограѓанин пријавил највисок бруто доход од уплатени премии и исплатена осигурена сума – вкупно 6,2 милиони денари.
Во категоријата друг доход прворангирана е скопјанка која доброволно пријавила бруто доход од 449,6 милиони денари, а на второ место е тетовец со доход од 247,7 милиони денари исплатен од компании кои работат со мрежни, социјални и видео платформи. Најмладиот милионер е роден во 2013 година и тој лани остварил доход од 1.016.947 денари, а најстариот бил на возраст од 96 години и остварил доход од 4.570.535 денари.

УЈП за 2020 година изготви и достави пополнета годишна даночна пријава за 769.794 граѓани со искажан годишен бруто доход од 331.146.120.469 денари, а пресметаниот данок на личен доход е во износ од 19.607.095.073 денари.

(С.В.)