Најмалку едно лице загина во невреме во Истанбул

43

Најмалку едно лице загина денеска во силно невреме што го погоди Истанбул и предизвика хаос во петнаесетмилионскиот град, а има повредени и во други делови на Турција.

Една жена загина во квартот Есенјурт во Истанбул, кога врз неа и нејзиното дете се урнал дел од покривот, јави државната агенција Анадолија. Детето преживеало, но има повреди.

Најмалку осум лица се повредени во други делови на градот, каде ударите на ветрот урнаа саат-кула, откорнаа дрвја и предизвикаа превртување на најмалку три камиони, јави приватната телевизија НТВ.

Босфорскиот теснец, тесен воден пат што го дели градот, е затворен за поморски сообраќај и фериботските линии се во прекин.

Најмалку шест авиони не можеа да слетаат во Истанбул и беа пренасочени кон Анкара и Измир, изјави портпаролот на Туркиш ерлајнс.

Поради силниот ветер откажани се траектните линии меѓу летните одморалишта Бодрум и Кас, јавуваат локалните медиуми.