Најкратки драми на светот во МНТ: Хуморот како спас од вителот на безизлезноста

159

„Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев е наслов на најновата претстава во продукција на Македонскиот народен театар, чија премиера е закажана на 25 ноември на малата сцена во МНТ, со почеток во 20 часот. Првата реприза љубителите на театарската уметност ќе имаат можност да ја видат на 29  ноември.

Според драматургот Дарко Јан Спасов наслов на оваа театарска претстава „Најкратки драми на светот“, чии подготовки се во тек, е позајмен од истоимената збирка кратки пиеси издадена пред точно 20 години и е приредена од театрологот Јован Ќирилов.

Од изборот на четириесетина пиеси од исто толку автори, издвоени се единаесет кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат една заокружена сценска слика – калеидоскоп низ кој се прави пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век, а чии врзивни елементи се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, времето како не(с)фатлива категорија, општата состојбата на апсурд.

Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и др. автори, од својата „неконцизна“ основа го повикуваат хуморот како спас од вителот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата.

Во претставата играат: Снежана Коневски-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски.

Сценографското решение е на Трајче Ѓоргиев и Татјана Блажевска-Христовска, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката се на режисерот и драматургот.