Најголем страв за Американците – пензионирање!

51

Во изминатите 11 години Американците најмногу се плашат од пензионирање, покажува истражувањето на Галуп.

Само 43 отсто од возрасните во САД кои не се пензионирани веруваат дека ќе имаат доволно пари за удобно да живеат по работниот век, што е најниско од 2012 година, пренесува Си-Ен-Ен.

Процентот на оние кои веруваат дека добро ќе живеат во пензија ќе се намали за пет проценти во однос на лани или за 10 проценти во однос на 2021 година.

Овие бројки се „прилично мрачни“, рече шефот на Галуп, Мухамад Јунис, додавајќи дека тие ја одразуваат загриженоста за високите трошоци за домување, стравувањата за безбедноста на парите на сметките и стравувањата од можна рецесија.

Истражувањето спроведено од 3 до 25 април покажа дека жените се значително повеќе загрижени за својата иднина во пензија, бидејќи 36 отсто од жените наспроти 50 отсто од мажите веруваат дека ќе живеат безгрижно во староста.

Оптимизмот и песимизмот зависат и од висината на тековните примања, а 36 отсто од припадниците на средната класа веруваат дека ќе живеат во пензија без финансиски проблеми. Резултатите од истражувањето се конзистентни со песимизмот што произлегува од другите истражувања.