Ракометниот свет се уште е во неверица, откако ракометната репрезентација на Норвешка беше елиминирана уште во четвртфиналето на Светското првенство во Полска и Шведска од селекцијата на Шпанија со 35:34 и тоа само заради сопствена грешка во финишот од натпреварот.

Норвежаните имаа гол предност, играч повеќе и напад на 20 секунди до крајот, но прокоцкаа се и на крајот мораа да играат продолженија по кој го загубија мечот.  Сепак, немаше да има продолженија доколку Норвежаните не им ја подарија победата на Шпанците, наместо да ја сочуваат до крај. Трагичар на мечот беше Кристијан Бјорнсен. Норвешка имаше гол предност, играч повеќе и напад, но Бјорнсен сето тоа го прокоцка.

Норвежаните направија голема грешка и не тргнаа да дадат голот, иако имаа отворен пат во неколку ситуации. На пет секунди до крајот, кога на Норвежаните им се закани пасивен напад, Бјорнсен реши да ја врати топката назад до еден од совите соиграчи наместо да тргне и да шутне во противничкиот гол.

Затоа судиите им ја одзедоа топката, а потоа преку контра Даниел Душебајев со звукот на сирената погоди за продолженија. Овој потег ги остави во неверување љубителите на ракометот, кои на социјалните мрежи ги критикуваат норвешките ракометари и сметаат дека не заслужиле ниту да поминат во полуфиналето по грешката што ја направија во финишот од регуларниот тек на натпреварот.

Доколку Бјорнсен упати било каков шут, Шпанците немаше да имаа време да тргнат во контранапад, а вака погодија со звукот на сирената и стигнаа до продолженија. По мечот сите новинари побараа објаснување од Бјорнсен, кој само ги крена рамениците: „Се чувствувам ужасно. Ги уништив двете клучни ситуации за нашиот тим. Тешко ми е. Жал ми е“, беше одговорот на норвешкиот ракометар.

Норвешкиот тренер Јонас Виле исто така беше во шок: “Што да кажам? Ова е една од најтажните работи во кои сум бил вклучен. Ова е она што го стави Бјорнсен во депресија. Тоа е десетина од секундата. Мораме да му помогнеме занормално да  продолжи понатаму, сега за него е најважна нашата поддршка“.