Тоа беше уште еден негативен одговор, лош за клубот и штетен за тимот. Уште на почетокот од новата година, кога Манчестер Јунајтед ги направи првите чекори кон ангажирањето на играчот за врска, каков што беше повеќе од потребен, беше јасно дека не станува збор за потег за кој е заинтересиран самиот играч. „Не е вистинско време“, изјави играчот. Неговиот менаџер беше уште поискрен: „Моментално не можеме да го ставиме во една таква ситуација“. Јунајтед, едно од најголемите имиња во фудбалската историја, во тој момент не претставуваше добар потег за неговата кариера, пишува британскиот дневен весник „Тhe Independent“.

Кристијан Ериксен, Паоло Дибала, Џејдон Санчо, Деклан Рајс и Матијас де Лихт дојдоа до идентичен заклучок. Поголемиот дел од фудбалерите на Јунајтед си го поставија истото прашање, особено Пол Погба. Доброто расположение од почетокот на подготовките брзо исчезна. Некомплетниот тим во првите четири кола од новата сезона освои само пет бода или вкупно 13 на последните 13 натпревари, а тоа е јасен знак дека не станува збор за едноставен проблем или привремен пад.

ЈУНАЈТЕД САКА ДА БИДЕ НАЈДОБАР ВО СВЕТОТ, НО НЕ ЗНАЕ КАКО ТОА ДА ГО ПОСТИГНЕ

Станува збор за ситуација кој е прифатена од мнозинството во фудбалскиот свет. Моментално Јунајтед важи за тим кој не може да се бори за најголемите трофеи. На него се гледа како на дисфункционален клуб со многу проблеми. Секој проблем има потреба од темелна дискусија, расправија, од актуелното тренерско ниво на Солскер, квалитетот на тимот, до процесот за ангажирање на нови фудбалери. Лесно може да се дојде до заклучок дека Јунајтед е клуб кој не знае што сака да постигне.

Јунајтед сака да биде најдобар и најголем во светот, нормално, но таа цел не е јасна како што се нејасни плановите и трансфер политиката. „Црвените ѓаволи“ немаат јасна визија што е потребно за да се реализираат таквите цели и нема артикулирана филозофија која е основа за сè. Секој проблем и секоја одлука поминуваат низ тоа. Тоа сè е дестилирано во неодлучноста околу улогата на техничкиот директор. Ако се знае дека нема такво лице во клубот, тогаш е јасно дека нема ниту идеја за тимот. Станува збор за позиција која одлучува за многу работи, особено за тоа каков тим сака да биде Јунајтед. Затоа сега во првиот тим има шест играчи за врска, а само двајца центарфори. Доволна е само една повреда за да имаме нова криза.

Тимот се чувствува добро само во противнападите, но Јунајтед е голем тим, кој мора да има поголем посед од противникот. Затоа такви се резултатите, затоа е таква ситуацијата на „Олд Трафорд“. Мора да се разјасни во која насока Јунајтед ќе се движи. Реално, нема потреба од некаква долга и мачна анализа, доволно е да се помине улицата и да се погледне во дворот на Манчестер Сити. Јунајтед ги повтори грешките кои Ливерпул ги направи во 90-те години. Уште во 2009 година, кога Сити со новиот сопственик ја започна сопствената транзиција, извршниот директор Брајан Марвуд, секој ден поминуваше покрај „Олд Трафорд“. „Тоа беше еден вид потсетник како изгледа една големина. Мора да ги елиминираме изговорите. Сакавме да создадеме една совршена околина, но прво моравме да видиме како изгледа таа совршеност“, напиша Марвуд во книгата „The Club“.

СИТИ УЧЕШЕ ОД ЈУНАЈТЕД, А СЕГА ЈУНАЈТЕД ТРЕБА ДА УЧИ ОД СИТИ

Сити ја одбрани титулата во Премиер лигата и ја надмина конкуренцијата. Сити е лидер на сите фудбалски полиња, од производство до готов производ, а тоа резултираше со толку многу погодоци кои се пример за совршена спортска тактика. Поголемиот дел е постигнат благодарение на копирањето на мозаикот на најдобриот фудбалски тим, тој на Барселона од 2008 до 2011 година.

Пеп Гвардиола ги интегрираше сите фудбалски достигнувања, особено контрапресингот на Јурген Клоп и тоа стана доминантна тактичка идеологија. Фудбалскиот директор, Чики Бегиристаин управува со најголемата мрежа на контакти со фудбалски стручњаци и има на располагање база на податоци која е искористена за да се создаде совршена стратегија. Извршниот директор Феран Сориано ја имплементираше најамбициозната и најоригиналната идеа за спортска администрација со создавањето на City Football Group. Сите заедно имаат состанок со претседателот Ал Мубарак околу главните трансфери и заедно одлучуваат кој играч треба да биде купен во следните 18 месеци. За време на состанокот се дискутира само за играчите кои претходно темелно се проверени.

НАЈДОБАР ПРИМЕР ЗА НЕОДЛУЧНОСТ Е ВИРЏИЛ ВАН ДАЈК

Не е можно да има ситуација, каква што има во Јунајтед, каде одеднаш од никаде се дискутира за некој фудбалер. Само во Јунајтед е можно Жозе Мурињо прво да изјави дека нема потреба од купување на Вирџил ван Дајк, а само неколку месеци подоцна да изјави дека има потреба од баш таков играч. Во Сити сите размислуваат како една целина. Сите одделенија во клубот се споени. Во Јунајтед одлично функционира тимот со скаути, но нема добра соработка со клупското одделение. Немаат еден идентичен план.

-Тие имаат толку многу информации за многу фудбалери, но најчесто ги игнорираат. Има многу фудбалери на кои е потрошено вистинско богатство, а не се толку добри како играчите за кои веќе добија информација. Ние им дадовме секакви информации, но истите ги игнорираат. Немаат единствена идеја, изјави еден извор. Се почеста е констатацијата дека Јунајтед е клуб кој „го водат менаџерите“. Ако му биде понуден некој фудбалер, големи се шансите Јунајтед да загризе. Поради таквата навика во последните шест години се ангажирани толку многу фудбалери кои не функционираат како една целина на зелениот терен. Тоа не може да се случи во Сити. За време на состаноците се дискутира само за играчите кои би се вклопиле во клупската идеа, која е јасна како ден и може да биде сфатена за само пет минути. На тој начин се минимизираат евентуалните грешки на пазарот за фудбалери, а се максимизира на сè останато.

СИТЕ ИМААТ ИДЕА, ДУРИ И ЛЕСТЕР И НОРВИЧ, НО НЕ И ЈУНАЈТЕД

Сити како и Ливерпул, Барселона, Јувентус, Борусија Д., има идеа како сака да игра, како да функционира клубот. Идеа имаат и помалите клубови во Премиер лигата, како што се Лестер и Норвич. Сите имаат препознатлива филозофија, но такво нешто нема најтрофејниот клуб во Премиер лигата. Јунајтед нема филозофија, но го нема ниту фудбалското знаење за да имплементира таквата филозофија. Додека во Сити постои темелна проценка на играчот, на неговиот талент и дали таквиот профил одговара на играчката филозофија која е јасно дефинирана, во Јунајтед сите размислуваат дали играчот ќе биде дел од тимот од 18 фудбалери кои ќе бидат во комбинација за финалниот натпревар од Лигата на шампиони. Уште една голема грешка на „црвените ѓаволи“.