Највисоката камата на кредитите за граѓаните од 10,25 се спушта на 5,75 проценти

Од банкарите уште нема одговор како и кога ќе постапат, но ако внимателно се прочита Уредбата со законска сила би можело да се заклучи дека нова, речиси преполовена каматна стапка ќе им се пресметува како највисока само на граѓаните и фирмите кои ќе земаат кредити додека трае вонредната состојба во државата 

1312

Со уредба со законска сила која е веќе објавена во Службен весник Владата создаде услови највисоката каматна стапка на банкарските кредити за граѓаните од досегашните 10,25 да се спушти на 5,75 проценти. Од банкарите уште нема одговор како и кога ќе постапат, но ако внимателно се прочита уредбата би можело да се заклучи дека новата, речиси преполовена каматна стапка ќе им се пресметува како највисока само на граѓаните и фирмите кои ќе земаат кредити додека трае вонредната состојба во државата.

Имено, оваа Уредбата се однесува на Законот за облигациони односи, односно на неговата примена за време на вонредна состојба. Интервенцијата е во делот за казнената камата, која истовремено според тој Закон е и највисока камата што можат да ја определат деловните банки за кредитите што ги даваат.

Со интервенцијата во Законот за облигациони односи се менува и периодот и начинот на пресметка на казнената камата. Така, наместо на шест месеци, во периодот на вонредна состојба казнената камата ќе се пресметува месечно, односно според референтната каматна стапка утврдена од Народната банка и објавена на нејзината веб страница. И понатаму референтната стапка на Народната банка останува основа за пресметка на казнената камата, но, кога се во прашање задолжувањата на граѓаните, сега наместо осум, на неа се додаваат четири процентни поени.

Пред кратко време, односно минатиот месец  Народната банка ја симна референтната камата на историски најниски 1,75 проценти и според овие нови правила за формирање на затезната камата, највисоката каматна стапка за кредитите на граѓаните не би смеела да биде повисока од 5,75 проценти. Доколку во наредниот период, односно додека трае вонредната состојба,  Народната банка интервенира во висината на референтната камата, тогаш и највисоката стапка за кредитите што ги земаат граѓаните во зависност од нејзиното движење ќе падне или ќе се качи.

-Стапката на казнената камата се определува на месечно ниво и тоа во висина на каматната стапка од основниот инструмент од операциите на отворен пазар на Народната банка на Република Северна Македонија (референтна стапка), што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата). Кога паричната обврска е изразена или определена во странска валута, стапката на казнената камата се определува за секој месец, и тоа во висина на едномесечна стапка на „Еурибор“ за евра што важела на последниот ден од претходниот месец, зголемена за пет процентни поени во трговските договори и договорите меѓу трговци и лица на јавното право, односно зголемена за четири процентни поени во договорите во кои барем едното лице не е трговец (законска казнена камата)“, се наведува во делот на Уредбата со кој се определува новиот начин за пресметка на висината на казнената камата.

Сепак, не се знае дали банките постапувајќи според оваа Уредба ќе направат чекор на солидарност со погодените граѓани и фирми од кризата и ќе ги намалат каматните стапки до новоодреденото ниво и за старите кредити. И дали новата, пониска камата, ќе ја пресметуваат во периодот додека мирува отплатата на кредитите, што е исто така мерка за олеснување на финансискиот товар на граѓаните, донесена минатата недела со Уредба на Владата. Како што е познато, постапувајќи според таа уредба, банките им понудија на граѓаните до крајот на септември да не ги отплатуваат кредитите што ги имаат, а изјаснувањето за оваа понуда сè уште е во тек.

Граѓаните се во очекување на ваков потег од банките, иако  содржината на Уредбата упатува на тоа дека постојните кредити ќе се плаќаат според каматите кои се договорени кога се земени, што значи и дека банките немаат обврска пресметката на каматите во периодот на мирување на отплатата да ја прават по ново.

-Определената висина на стапката на казнената камата, како и периодот и начинот на пресметка нема да влијае на стапката, периодот и начинот на пресметка на договорната камата во договорите во кои барем едното лице не е трговец, склучени пред влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила, стои во Уредбата.

Инаку, глобално земено, голем дел од кредитите на банките се со пониски камати и од сега лимитираната на 5,75 проценти. Досегашната максимална од над 10 проценти беше определена само за некои потрошувачки, револвинг кредити, за кредитните картички и за минусите. Станбените кредити на пример, во најголем дел се со камата до 3,5 проценти, а дел од потрошувачките имаат камата од околу пет проценти.

Најавата дека каматите ќе паѓаат Владата ја даде уште на седница што ја одржа пред околу две недели. Тогаш е донесена и Уредбата, но по објавата во „Службен весник“ стана правосилна дури пред два-три дена.

Кога ја донесоа уредбата од Владата појаснија дека со неа се има за цел да се олеснат условите за работа и плаќање на реалниот сектор, како и на граѓаните, во услови на сериозно нарушена економска состојба и ликвидност на правните субјекти.

(С.В.)