Нашите пратеници прават трансфери како фудбалери – милионски суми во игра

Сведоци сме дека во јавноста се погласно се зборува дека во партиските штабови се прават пазарења, а новите пратеници кои ја добија довербата од граѓаните на последните избори во услови на пандемија од коронавирусот, постигнуваат огромни суми за трансфери за премин од еден во друг политички табор. На социјалните мрежи се споменуваат вртоглави суми кои се движат од неколку стотици илјади до пола милион евра. Јавно, најгласен во обвинувањата е лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој обелодени дека: „во тек е операција за поткуп на 5 пратеници, со суми од 100 до 500 илјади евра“.

238

Ситно бројат преговорите за нова владина коалиција по парламентарните избори одржани на 15 јули, а деновиве би требало да се одлучи кога ќе се одржи првата конститутивна седница на 10. собраниски состав. Со оглед на неизвесноста околу тоа кои партии би биле дел од новото парламентарно мнозинство, извесно е дека таа ќе се одржи по илинденските празници, а неизвесно е дали таа би завршила со избор на прв парламентарец.

Во јавноста, сè уште кружат повеќе сценарија кои би имале различни импликации врз иднината на земјата. Според агенцијата „Анадолија“, првото и најверојатно сценарио е победниците во македонскиот и во албанскиот кампус, односно СДСМ и ДУИ да се здружат и да формираат коалиција. Изводливоста на оваа опција, сепак, ќе зависи од подготвеноста на Беса да коалицира со ДУИ, имајќи предвид дека од секој аспект Беса е опозит на ДУИ, но и од спремноста на ДУИ да отстапи од ветувањето за прв албански премиер“. Втората пречка веднаш може да се елиминира со оглед на изјавите на челниците на Унијата кои се обидуваат да ја спуштат топката од нивното ултимативно барање. Второто сценарио кое е помалку веројатно, е коалицијата СДСМ-Беса да се здружи со коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, но во овој случај, малку е веројатно дека ДУИ ќе прифати да биде изоставена од владејачката коалиција имајќи предвид дека е „победник во албанскиот камп“. Третата и најмалку веројатна опција е ВМРО-ДПМНЕ да формира коалиција со ДУИ, Левица и ДПА.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека веќе преговара за составување нова влада, но не откриваат детали туку повторуваат дека сите опции се на маса.

Коалициските партнери Алијанса за Албанците и Алтернатива не ја исклучуваат можноста да станат дел од владина коалиција во која би учествувала и ДУИ. Објаснуваат дека иако е тоа тешко, таквата опција не се исклучува.

-Како коалиција ама и поединечно како партии комуницираме со сите политички партии а тие контакти ги одржуваме и денес. Засега нема ништо ново после официјалните резултати од ДИК. Следи период кога треба да почнат преговори за формирање Влада. Чекаме претседателот на државата да го предаде мандатот по што и мандатарот ќе ги почне преговорите за формирање на новата Влада воедно и тој одлучува со кој ќе коалицира, изјави Шефик Дураку од коалицијата АА и Алтернатива.

Како и да е сведоци сме дека во јавноста се погласно се зборува дека во партиските штабови се прават пазарења, а новите пратеници кои ја добија довербата од граѓаните на последните избори во услови на пандемија од коронавирусот, постигнуваат огромни суми за трансфери за премин од еден во друг политички табор. Во јавноста и на социјалните мрежи се споменуваат вртоглави суми кои се движат од неколку стотици илјади до пола милион евра.

Јавно, најгласен во обвинувањата е лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој во интервју за Канал 5 обелодени дека: „во тек е операција за поткуп на 5 пратеници, со суми од 100 до 500 илјади евра“.

-Ги знам по име и презиме – рече Апасиев. Тој порача дека не ги признава изборните резултати, бидејќи, како што рече, им биле украдени 3 пратеници.

-Ова не беа избори, ова беше масакр. 10 милиони евра се истурија директно, 100 милиони евра наоколу. Опцијата беше да нема избори среде пандемија, час порано нели требаше да има избори, а после си отидоа на одмор во Брајчино – истакна Апасиев.

Државната изборна комисија во саботата ги соопшти официјалните и конечните резултати од парламентарните избори што се одржаа на 15 јули. Според резултатите, Коалицијата „Можеме“ освои 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Левица 2 и ДПА 1 мандат. Веднаш по нивно објавување, се одржа и свечена седница за доделување на уверенијата на новите пратеници.

Според конечните резултати кои во саботата ги соопшти претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, коалиција „Можеме“ предводена од СДСМ освои 327.408 гласа, односно 35,89%, освоени 46 мандати, Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ – 315.344 гласови или 34,57%, односно 44 мандати. Партијата ДУИ освои 104.699 гласови или 11,48% – 15 мандати. Коалиција Алијанса/Алтернатива освои 80.000 гласови или 8% – 12 мандати. Левица освои 37.426 гласови или 4,1% – 2 мандати и ДПА освои 13.930 гласови или 1,53% – 1 мандат.

Од партиите кои учествуваа на овие избори се Интегра со 12.291 глас или 1,35%, ГДУ со 3.555 гласови или 0,39%, МОРО работничка партија 3.245 гласови или 0,36 проценти, Глас за Македонија 2.800 или 0,31 процент, Единствена Македонија 2.600 гласа или 0, 29 проценти, СДУ 2.585 или 0,28 проценти, Твоја партија 1894 гласови или 0,21 процент, Демократи 1558 гласови или 0,17 проценти, Народна партија на Роми 1225 или 0,13 проценти.

По соопштување на конечните резултати, Деркоски свечено им ги додели уверенијата на пратениците во новиот собраниски состав. Уверенијата ги подигнаа сите пратеници освен двајца пратеника на Левица и на еден на ДПА кои не присуствуваа на седницата. – Истите ќе се врачат во понеделник кога или избраните пратеници или овластени лица од страна на наведените политички партии ќе ги подигнат од Државната изборна комисија, соопшти ДИК.

Според Деркоски, изборите со оглед на тоа што се одвиваа во специфични услови, завршија добро. Првпат нашата држава, како што рече, се соочила со организација на избори во специфични услови, во пандемија од ковид -19 и за сите нас беше тоа предизвик. Додаде дека првиот, вториот и третиот ден од изборите поминале добро без забелешки, а тоа го констатирало и МВР.