По успешното враќање на Конор Мекгрегор во октагонот, повторно се актуализираше прашањето за можниот реванш помеѓу ирскиот УФЦ борец и Хабиб Нурмагомедов.

Мекгрегор пред една недела успеа да го победи Доналд Серон за само 40 секунди, и тоа со импресивен нокаут поради кој судијата мораше навреме да реагира и да го прекине мечот се со цел да не дојде до некој несакан ефект по здравјето на Американецот. Со оваа борба контроверзниот Ирец најави дека сака да му се реваншира на Нурмагомедов за поразот од пред година и пол.

Иако од таборот на Дагестанецот не сакаат да слушнат за борба против Ирецот ако на нивна сметка не легнат 100 милиони евра, Конор е подготвен да се бори на негов терен – во Русија.

Хабиб во досегашниот дел од кариерата сè уште нема пораз и има 28 победи, а нареден противник ќе му биде Тони Фергусон. Тој неодамна најави дека во случај на победа, посакува својата јубилејна 30. борба да ја има во Русија и на тој начин да ја заврши кариерата. Токму поради таа негова изјава, Ирецот е подготвен да биде неговиот 30. противник, а воедно додаде дека на тој меч би имал голема поддршка од руските навивачи.

-Ја сакам Русија и Русите. Бев во Москва неодамна, Русија е голема нација. Многу сакаат ММА, многу ме сакаат мене. Борбата помеѓу Хабиб и мене би била како онаа во филмот Роки. Подготвен сум за тоа иако знам дека Дана Вајт (претседателот на УФЦ) е од Лас Вегас и тој сака борбата да се случи повторно таму. Сепак, јас сум повеќе за тоа да се бориме во Москва, бидејќи луѓето таму ме сакаат повеќе од Хабиб. Јас сум поголем Русин од него, изјави неодамна Мекгрегор.