Наша задача е да обезбедиме младите да имаат перспектива и да ја гледаат Европа тука во Македонија!

Како младите кои заминале на студии или на работа во странство да ја препознаат Европската Унија во Македонија, а државата да им обезбеди перспективна и европска иднина. Од Македонија годишно заминуваат околу 9,5 илјади млади, а треба да се најдат начини ако се обезбедат услови да се цени квалитетот и ако имаат еднакви шанси, без никакви врски и привилегии тие перспективни луѓе да се вратат и да си го најдат своето место тука. За министерот за финансии, Фатмир Битиќи, одлив на кадри се случува во секоја земја, но државата е таа што треба да створи услови младите да не си заминуваат

360

Како младите кои заминале на студии или на работа во странство да ја препознаат Европската Унија во Македонија, а државата да им обезбеди перспективна и европска иднина, беше темата на која се дискутираше денеска на настанот „Враќање и задржување на домашниот млад високообразован кадар од Република Словенија во Република Северна Македонија… И КАКО“ што се одржа во Стопанската комора.

Беше посочено дека од Македонија годишно заминуваат околу 9,5 илјади млади, а треба да се најдат начини ако се обезбедат услови да се цени квалитетот и ако имаат еднакви шанси, без никакви врски и привилегии тие перспективни луѓе да се вратат и да си го најдат своето место тука.

За министерот за финансии, Фатмир Битиќи, одлив на кадри се случува во секоја земја, но државата е таа што треба да створи услови младите да не си заминуваат. Тој посочи дека тоа ќе се случи со конкретни мерки во делот на студентскиот стандард, во делот на можности за вработување, како и можности за поддршка на младите во претприемачки иницијативи за научна перспектива тука.

– И покрај сите овие работи кога ќе се направат, сепак ќе има млади што ќе наоѓаат подобри можности во други земји и тоа е феномен што постоел отсекогаш во светот, постои и тука, но тоа што е наша задача е да обезбедиме младите да имаат перспектива и да гледаат европска перспектива тука во Македонија – рече Бесими.

Тој истакна дека младите се капитал и инвестирањето во нив е клучно за развојот на едно општество, за стопанството и генерално, за економијата на една земја.

– Ќе ја искористам познатата изрека од меѓународни лидери на држави, дека иднината е најдобро да ја проектираш, да ја создадеш и тоа е една порака за младите дека со давање можност тие да ја креираат нивната иднина тука во нивната татковина како идна земја членка на ЕУ – потенцира Бесими.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, кој се осврна на својот ресор, ги потенцира конкретните мерки и чекори за поддршка на младите од различен аспект.

– Младите се ослободени од плаќање закупнина за земјоделско земјиште во првите три години. Од новите мерки за млади што можеби се најдобрите или единствени во регионот, би посочил дека ги зголемивме грантовите за 100 проценти, 20 илјади евра грант за сите млади земјоделци е овозможен во овие неколку години, но и за сите можности што како Министерство ги правиме преку ангажирање волонтери, голем број практиканти и млади луѓе на кои им даваме можност да се вработат во Министерството доколку ги поминат сите овие успешни процеси што значи, потврдуваме дека може без врски, може без привилегии – рече Николковски и потсети и дека од оваа година првпат се овозможи највисока стипендија за студентите на Земјоделски, Ветеринарен и Шумарски факултет.

Словенечката в.д. амбасадорка Татјана Ковачич рече дека во тековната школска година во Словенија има активни 1.443 студенти. И претходно имало голем број студенти кои своите кариери ги градат во Словенија, но и подалеку во светот.

– Младите образовани кадри се голема инвестиција во иднината, бидејќи со стекнатото знаење и искуство многу ќе придонесат за побрз развој на државата и нејзината интеграција во ЕУ. Младата генерација од Македонија кои по завршените студии во Словенија би се ангажирале во претпријатија, институции и организации во својата татковина каде што своето знаење и искуство најдобро ќе можат да ги искористат за себе. Со тоа ќе придонесеме кон успешно работење на економијата, развој на државата и општо подобрување на многу подрачја на работа и живот во државата и на нејзина побрза интеграција во ЕУ – порача Ковачич.

Елена Милевска Штрбевска од Стопанската комора  нагласи дека бизнис заедницата постојано реализира активности за задржување на младите кадри во земјав – истакна таа апелирајќи да се инвестира во научноистражувачки институти, лаборатории и други соодветни активности што ќе придонесат за поддршка на бизнис заедницата, а ќе може да го апсорбираат овој кадар.

Подобрувањата и сите чекори кои ги преземаме не носат кон крајната цел – европска Македонија, но очекувањата треба да бидат реални. Креираме можности, но не може да се занемари трендот во цела Европа, па и подалеку, дека луѓето бараат подобри услови за живот на други места, истакна денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

– Креирањето на нови работни места, кои се поврзани со четвртата индустријализација и кои имаат висока додадена вредност и повисоки плати, е европската Македонија која сакаме да ја видиме. Не можеме да очекуваме дека за еден ден ќе го постигнеме стандардот на Германија или на која било земја членка на ЕУ. Тоа е процес во кој сите заедно сме влегле и ќе го постигнеме. Во нашата земја се подобрува стандардот на живот, но може да дебатираме и дискутираме дали се прави со брзината со која сите би сакале и ја очекуваме – рече Битиќи.

И јас и моите деца, посочи тој, живееме во оваа земја и сме одлучиле дека ќе живееме во оваа зема и дека заедно ќе ја градиме иднината со подобар живот.

– На сите наши граѓани кои одлучиле да отидат во странство им укажувам дека работиме за да го подобриме квалитетот на животот и оти конечно државата е на правиот пат и дека наскоро ги очекувам назад за да придонесат за својата земја со нивните знаења и вештини – порача Битиќи.

Системот и институциите ги креираат луѓето, а луѓето, додаде Битиќи, сме сите ние кои сме дел од општеството.

– Во суштина подобрувањето и на системот и на институциите, но и на севкупното живеење во државата го правиме сите ние. Мојот личен став е дека со личен пример треба да се погрижиме да го подобриме системот. Ако го следиме личниот пример сметам дека секој ќе придонесе за многу брзо да се подобрат состојбите – посочи Битиќи.

(С.Бл.)