Националната галерија потсети на годишнината од смртта на Чемерски

201

Националната галерија на Македонија продолжува на својата фејсбук страница да ја анимира јавноста презентирајќи дела од нејзината колекција. Тие деновиве нè потсетија на еден од најзначајните современи македонски уметници, академик Глигор Чемерски која почина на 2 април 2016 година во Скопје.

„Чемерски е роден во Кавадарци во 1940 година. Се образувал во Скопје, Белград и во Париз. Како сликар, графичар и мозаичар тој оствари повеќе монументални споменични, мозаички и сликарски дела во Скопје, Вруток, Кавадарци, Кочани. Неговиот стил е инспириран од експресионизмот и иконите на православието. Познати се неговите слики за Свети Ѓорѓија и ламјата. Aвтор e на Споменикот на слободата во Кочани, на мозаиците во Стопанската банка во Скопје и во Хидроцентралата во Вруток, на сликарскиот триптих „Македонија“ во МАНУ. Од 1959 до крајот на шеесеттите години интензивно се занимава и со ликовна есеистика како еден од застапниците на уметничката слобода и интелектуалната победа на повоената модерна. Антологиски есеј му е „Жива Византија“ од 1977. За своето сликарско творештво добил голем број најзначајни признанија и награди од кои последната е Гран при на третиот „Зимски салон“ во Скопје во 1994. Слава му!“, посочија од НГМ презентирајќи три дела на Чемерски – „Оплакување Христово II“, „Покрај река“ и „Градина на љубовта“.