Раседот по должината на брегот кај Лос Анџелес, за кој се веруваше дека мирува, всушност е активен и би можел да предизвика разорен земјотрес со магнитуда од 6,4 степени според Рихтер, предупредуваат научниците.

Доколку овој е поврзан со другите раседи, би можел да предизвика потрес со магнитуда 7, наведува тимот научници од универзитетот Харвард, универзитетот на Јужна Каролина и Американскиот геолошки институт, пренесе хрватски Индекс.

Раседот познат како Wilmington Blind-Thrust, се простира на околу 20 километри, северозападно од плажата Хантингтон, преку пристаништетот во Лос Анџелес и Лонг Бич, до источната страна на полуостровот Палос Вердес и заливот Санта Моника.

Веќе со децении е познато дека овој расед постои, но долго време се сметаше дека е во мирување и дека не постои причина за загриженост за жителите на Лос Анџелес.

„Не пукнува често, но е како заспан џин… Тоа што е бавен, не значи дека не е опасен“, вели Френклин Волф, докторант од областа на структуралното моделирање и ресурсите на Земјата на Харвард.

Наречен е „слеп“ расед, бидејќи не избива на површината и нема никакви пукнатини кои би можеле да укажат на неговото постоење. Раседот се наоѓа под нафтените полиња Вилмингтон, а откриен е благодарејќи на податоците од нафтената индустрија.

Анализите покажуваат дека е мирен најмалку два милиона години. Пред десет години кога научник од Американскиот геофизички институт USGS ги проучувал резервоарите од подземна вода, открил пукнатини во поплитките слоеви, пред тоа да го регистрираат нафтените експерти.

Волф наведува дека раседот многу бавно се придвижува и дека може да пукне за 3.000 до 5.000 години. Раседот, инаку, се наоѓа до уште еден застрашувачки расед Њупорт-Инглвуд.

Инаку, во потресот на Лонг Бич во 1933 година, загинале 120 луѓе и тогаш властите почнале да ги носат првите градежни прописи во сеизмичките области.