Настрада еден од најстарите штркови кој секое лето го краси големото гнездо над градската пошта во Делчево.

Откако пред неколку дена работници кои го градат новиот пешачки мост ја забележале повредената птица, веднаш била прегледана од ветеринар.

Според ветеринарот Николчо Стојменовски кој ја направи хируршката интервенција, штркот имал тешка повреда на левото крило.

-На повик на лица од Општината, откако претходно случаен минувач го забележал, штркот го згриживме и веднаш пристапивме кон санација на повредата. Беше забележлива отворена рана под крилото по што следуваше нашата интервенција. Птицата потоа ја сместивме во стационар во ветеринарната станица „Здравје“ каде остана да се опоравува, информира Стоименовски.

Но, повредата сепак била кобна по животот на најстариот штрк во Делчево.

-За жал, штркот им подлегна на повредите, иако хируршката интервенција беше беспрекорно изведена, сепак повредата на крилото беше од поголем обем, рече ветеринарот Слободан Димитровски.

Во Делчево и по целата долина на река Брегалница, штрковите често се гнездат.

Гнездото направено од штркови над градската пошта во Делчево, по она во Чешиново-Облешево е едно од најголемите направено од птица во Источна Македонија.