Меѓу другите културни збиднувања кај нас, кои се одвиваат на крајот од учебната година, особено впечатливи се концертите на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје.

Континуираните настапи на учениците во текот на целата година сведочат за завидното ниво на постигнатите резултати, работата и интенциите на Центарот за современо образование и едукација за музичко-балетската уметност и професионалното насочување на учениците.

Оваа комплексност на едукативниот процес ја пронаоѓа својата потврда во остварувањето значајни резултати и настани реализирани и остварени во текот на повеќедецениското постоење на училиштето (формирано во 1945 година) како единствен училиштен центар во кој се образуваат кадри од музичката и од балетската уметност. Во овој контекст, сосема оправдани беа очекувањата и големиот интерес на публиката за целовечерниот концерт на детскиот хор „Пиколо“ и Гудачкиот камерен оркестар на учениците од ДМБУЦ. Концертот се одржа на 12 јуни, во салата на Музејот на македонската борба, со поддршка на Министерството за култура на РС Македонија.

Овој концерт ја оствари својата посебност како единствена целина со учество на ученици од сите генерации, кои се во текот на едукативниот процес во основното и во средното образование во училиштето, под водство на двајца истакнати професори – музички уметници со долгогодишен уметнички и работен стаж: диригентот на хорот „Пиколо“ – Весна Димчевска и диригентот на Оркестарот – Фи Фи Ле. На концертот проследивме композиции од светската вокална литература: Џ. Качини: Ave Marija; Ц. Франк: Ангелски леб;  В.A. Моцарт: Аve Verum Corpus; Е. Григ: Песната на Солвејг; А. Л. Вебер: Севишен Господе; Т. Албинони: Адаџо; А. Дворжак: Како старата мајка; Ф. Шопен: Тага; Ф. Шуберт: Серенада, како и композицијата од Ѓ. Пучини: Ох мој драг татко, изведена на бис, по долготрајниот аплауз од публиката. Aранжманите за гудачки оркестар на овие композиции ги изработи диригентот Фи Фи Ле.

Впрочем, едно од нештата што беа исклучителност на концертот беше токму програмската концепција на овој настан: професионален вокален солистички репертоар, кој Весна Димчевска, уметничкиот раководител и диригент на хорот, го востанови и негува од самите почетоци на неговото формирање во 1988 година. Оваа програмска определеност е една од главните карактеристики на детскиот хор „Пиколо“ за негување на дела од светската музичка литература, односно транспозиција на професионалниот вокален солистички репертоар во изведба на ученици на возраст од шест до тринаесет години.

Токму и видот на хорскиот ансамбл „Пиколо“, како детски хор, воден со голема професионалност и одговорност од Весна Димчевска и на овој концерт нè воодушеви со претставената уметничка деликатност. Изведените композиции (кои потенцираме дека вообичаено се изведуваат од повозрасна категорија музички уметници) повторно го потврдуваат подигнатото ниво во музичката педагогија во која младите талентирани ученици претставија уметнички вредни дела, со постигнат степен на професионалност. Притоа, вложеното внимание во интерпретативната компонента на делата го отсликуваше значајното искуство и музикалност на Весна Димчевска во точно определеното и внимателно зачувување на прозрачниот и нежен детски звук (вокал), кој пленеше со суптилноста, светлоста и рамноста (без вибрато во изведбата), остварувајќи динамичка сфера на ангелски гласови во изведбата на  претставените композиции.

Определената програмска концепција и  креативната компонента со претставено логично, природно фразирање и динамичко-агогичка разнообразност, и овој пат повторно го потврди главното обележје и исклучителност на детскиот хор „Пиколо“. Токму во оваа насока вредно е и навраќањето кон повеќе од тридецениското дејствување на детскиот хор „Пиколо“ во нашата културна средина, со реализирани самостојни целовечерни концерти во рамките на повеќе фестивали и манифестации: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Денови на македонска музика“, „Денови на Италија“, „Недела на Јапонија“, „70 години Скопје – јубилеј на градот, „30 години независност на РС Македонија“ и др., заеднички интернационални проекти, „Радомировиот псалтир“ од Д. Бужаровски и др., како и повеќе објавени аудио и видеозаписи, меѓу кои е и касетното издание со наслов „Духовна музика“ во издание на МРТВ.

Ваква долгогодишна дејност остварува и Камерниот гудачки оркестар на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, создаден во 2000 година, по иницијатива на професорот диригент  Фи Фи Ле, со реализирани настапи и концерти на реномирани музички фестивали: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Битолско лето“, „Денови на македонска музика“, прослава по повод Денот на независноста на РС Македонија, гостување на Летните олимписки игри во Атина 2004 година, на музички манифестации во Италија, Германија и др.

Со особен ентузијазам во остварувањето на концертот, Гудачкиот камерен оркестар оствари искрено музицирање исполнето со видно внимание кон диригентското водство на Фи Фи Ле. Долгогодишното педагошко и уметничко дејствување на диригентот беше сигурна основа за успешна реализација на овој концерт, кој Фи Фи Ле го оствари со посебна инспирација. Под негово раководство, концертната вечер за младите уметници беше предизвик остварен со посветено внимание кон достигнување на единствена звучна боја, изедначено фразирање, соодветни динамички распони во сооднос со хорот и мелодиска инвенција.

Успешниот целовечерен концерт на детскиот хор „Пиколо“ и Гудачкиот камерен оркестар на учениците од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ е едно од скалилата на патот кон остварувањето на уметничката кариера на младите музички уметници. Тие на овој концерт претставија концентриран, професионален пристап кон  интерпретацијата на делата со целосно оправдување на работата на своите педагози. Но, градењето на уметничкиот пат е долготрајна и нималку едноставна дејност. Токму затоа им посакуваме успех во понатамошната едукација и професионална определеност кон музичката уметност.

Мирјана Павловска-Шулајковска