Наставниците за службени потреби користат сопствен лаптоп

100

Фондацијата за интернет и општество – Метаморфозис го објави извештајот од истражувањето „Состојбите и предизвиците за спроведување на онлајн настава во основните училишта“. Истражувањето е спроведено во рамки на проектот „Отворени образовни ресурси“, спроведуван од Метаморфозис, а со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Целта на ова истражување е да се утврдат состојбите и предизвиците на онлајн наставата во основните училишта во Република Северна Македнија во периодот март – јуни 2020 година. Прибирањето на податоците за истражувањето се одвиваше во две фази: анонимна онлајн анкета, спроведена во периодот од 26 јуни до 15 јули 2020 година, наменета за наставниот кадар, менаџментот и стручните служби од основните училишта во Република Северна Македoнија, и три одделни фокус-групи, во периодот 26-27 август 2020 година, со наставниот кадар, менаџментот и со родителите на учениците од основното образование.

Дел од клучните наоди презентирани во Извештајот се:

Речиси половина од учесниците (44,5%) пријавија дека во училиштето, за службени потреби, користат сопствен лаптоп. 84,9% од наставниот кадар за службена комуникација користи приватни имејл адреси. Ова е проблематично од повеќе аспекти, особено од аспект на заштитата на личните податоци на учениците, кои во текот на основното образование се малолетни лица
Скоро една третина од наставниот кадар (31,6%) изјави дека интернет на училиште има само на својот мобилен телефон. За жал, има и локации каде што училиштата не нудат никаков интернет-пристап
Во голем број семејства со повеќе деца на училишна возраст, проблем претставувало и „споделувањето“ на техничките помагала (лаптоп, компјутер), односно ситуацијата најчесто налагала само еден од учениците да биде во можност да следи настава во живо
Речиси сите учесници во истражувањето (88,9%) се согласни во врска со тоа дека за успешно спроведување на ефикасна онлајн настава треба да се променат вообичаените методи во наставниот процес
Значителен број (30 %) сметаат дека подобра варијанта од „една платформа за сите“ би било кога училиштата би имале одредена слобода при изборот на платформите и софтверите преку кои ќе се спроведува онлајн наставата за нивните ученици.
Со ставот „Во наставата има задоволителна застапеност на материјали на сите јазици на кои се спроведува наставата“ се согласуваат 45 % од испитаниците, додека 70 % од наставниците кои ја спроведуваат наставата на друг јазик (различен од македонскиот), не се согласуваат со овој став
Во однос на учебниците и другите образовни ресурси, речиси сите учесници (93,9 %) се согласуваат со ставот дека за успешна онлајн настава е потребно целосно или делумно адаптирање на учебниците.