НАСЕЛЕНИЕТО СЕ НАМАЛУВА, А ВЕНЧАВКИТЕ ЗГОЛЕМЕНИ: Виничани се венчаваат и веднаш бегаат за странство

99

Зголемен број на склучени бракови и крштевки покажува евиденцијата на православниот храм „Св. Архангел Михаил“ во Виница, иако бројот на населението осетно се намалува.
Во текот на 2018 година свештениците во црквата венчале вкупно 58 брачни парови, за десет повеќе од претходниот едногодишен период, а крстиле 124 новороденчиња, односно пет повеќе во споредба со 2017 година. Сепак, 34 од нив се донесени само за да бидат крстени овде, иако се родени во болниците во Италија, Швајцарија, Украина, Словенија и Австрија, каде што им живеат родителите.

– Еден од показателите дека подолг период има тренд на опаѓање на населението во Виничко е и тоа што на денешниот верски празник Тодорова сабота, кога новите невести треба да дојдат во црквата со своите свекрви, имавме само 17 присутни. Од година во година нивниот број опаѓа, односно овде доаѓаат само за да се венчаат, а потоа со своите брачни партнери веднаш заминуваат во странство. Токму затоа, на денешната верска поука наместо за толеранцијата во односите снаа-свекрва, многу повеќе зборував за потребата од создавање побројно потомство и зголемување на наталитетот, истакна Бранко Богданов, свештеник во виничкиот православен храм.

Според евиденцијата во матичната служба во Виница, минатата година во општината биле родени 135 новороденчиња, што е за една петина помалку во споредба со претходниот период.
Иако локалните институции немаат официјални статистички податоци за бројот на населението, проценка е дека една третина од граѓаните се со подолг престој во странство, пред се во западноевропските земји, најмногу во Италија и Швајцарија.