Народна банка: Банкарските камати ќе растат, инфлацијата годинава ќе достигне 8,8%, а економијата ќе порасне за 2,9%

На глобалните финансиски пазари веќе одреден период има нагорно поместување на каматните стапки. Ние сме дел од глобалниот трговски и финансиски систем и тоа што се случува во глобалната економија, има влијание и кај нас. Оттаму, како централна банка почнавме со затегнување на монетарната политика, но тоа го правиме внимателно и поумерено со цел да нема нагли промени кај активните каматни стапки, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска

389

Едноцифрена, но висока инфлација од 8,8 проценти и раст на економијата од само 2,9 процента, проектира Народната банка за оваа година во своите најнови макроекономски прогнози.

За следната година прогнозите се поповолни – инфлација од три проценти и економски раст од 3,6 проценти. Во 2024 година Народната банка очекува инфлација од два и раст на БДП од четири проценти.

-Најновите проекции упатуваат на просечна инфлација од 8,8 проценти во 2022 година, при очекувања за постепена стабилизација до крајот на годината. Неизвесноста во однос на идните движења на цените е исклучително висока, но согласно со проекциите на меѓународните финансиски институции, се оценува дека притисоците постепено ќе се стабилизираат кон крајот на годината, така што веќе во следната година се очекува значително забавување на ценовниот раст. За 2023 година се очекува забавување на стапката на инфлација по што би се свела на 3 отсто а на среден рок се очекува инфлација од околу 2 процента, што е во согласност со октомвриските очекувања, појасни гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска на вчерашната презентација на најновите, априлски макроекономски проекции.

Народната банка има и резервно сценарио во случај глобалната кризата да се продлабочи, според кое инфлацијата годинава би била повисока за еден процентен поен, а за толку би се намалил и растот на БДП.

Откако Народната банка во два наврата ја зголеми референтната каматна стапка до ниво од 1,75 проценти, очекувањата се дека и банкарските камати ќе одат нагоре. Но, според гувернерката, се прават обиди тоа да биде умерено и да не се одрази значително кај населението и корпоративниот сектор.

-На глобалните финансиски пазари веќе одреден период има нагорно поместување на каматните стапки. Ние сме дел од глобалниот трговски и финансиски систем и тоа што се случува во глобалната економија има влијание и кај нас. Оттаму, како централна банка почнавме со затегнување на монетарната политика, но тоа го правиме внимателно и поумерено со цел да нема нагли промени кај активните каматни стапки, рече таа.

Народна банка очекува растот на кредитите да продолжи до крајот на годината, но поумерено, во услови на нагласена неизвесност, забавен економски раст и поумерен раст на депозитната база. За годинава е проектиран кредитен раст од 7,7 проценти, а на среден рок, за периодот 2023 ‒ 2024 година растот би изнесувал 7,6 проценти, во просек. Растот на депозитите за годинава е проектиран на 5 отсто, а среднорочно на 7,5 проценти.

Тековната сметка годинава ќе има дефицит од околу една милијарда евра, а девизните резерви ќе останат во сигурната зона.

-Основен фактор за ваквите поместувања во тековната сметка се движењата во размената на стоки и услуги, конкретно влошувањето на трговскиот дефицит, со умерен придонес и на намалениот суфицит кај услугите. Согласно со очекувањата за нормализирање на состојбите во глобалната и во домашната економија во 2023 година, предвидено е дефицитот на тековната сметка да се стесни до 4,5 отсто од БДП, согласно со проектираното стеснување на негативното салдо во размената на стоки и услуги. За 2024 година, се очекува дека дефицитот во тековната сметка дополнително ќе се намали и ќе се сведе на 2,3 проценти од БДП, слично ниво како и во претпандемичниот период. Показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекциите, појаснуваат од Народната банка.

Приватните трансфери имаат солидни текови. Откако за време на пандемијата во 2020 година имаа пад од 22 процента, а лани се опоравија со раст од 44 проценти, сега се очекува тој раст да продолжи, но со многу поумерена динамика, во просек од шест до седум проценти.

Се оценува дека моменталната безбедносна криза, која се надоврза на пандемијата и енергетската криза, ќе има позначителни економски ефекти врз глобалната економија. Тие би се почувствувале главно преку неколку канали и тоа особено преку раст на цените на енергијата и на храната, преку забавување на трговијата, пониски финансиски приливи и намалена доверба.

-Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија. Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. Во исто време, и натаму постојат ризиците поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви, потенцираше Ангеловска-Бежоска.

(С.В.)