Сувенирниците во Скопје полни со прав и со пајажина изгледаат како напуштени. За нив сега е задолжен Музејот на Македонија, а беа отворени во 2012 година како дел од проектот „Скопје 2014“.

– Некои од нив треба да се дислоцираат, други немаат промет, а трети се со немотивирани продавачи – велат од Музејот на Македонија.

Директорот на Музејот на Македонија, Гордан Николов смета дека, како дел од проектот „Скопје 2014“, сувенирниците не се добро менаџирани во текот на годините.

– Имаме затекнато продавачи во тие сувенирници кои не се мотивирани, кои не сакаат да работат. Ќе треба да се направи реорганизација за да можат тие повторно да заживеат – објасни Николов.

Тој информираше дека сувенирницата кај новиот плоштад „Скендер бег“, во близина на некогашната Стоковна куќа Мост требало да се премести, но тоа не се случило.

– Тоа требаше да го стори општината Чаир, која го градеше плоштадот. Бидејќи не ја поместија сувенирницата, побаравме од ЕВН да приклучи струја за да може таа да се актуелизира. За неа има и нова вработена продавачка која знае да говори и македонски и англиски и турски и албански – истакна Николов.

Тој вели дека продажбата во сувенирницата која се наоѓа во центарот на градот, на улицата „Македонија“ каде што се гради црквата „Свети Елена и Константин“, но и во онаа која се наоѓа кај Министерството за народна одбрана, од страната на ГТЦ е многу слаба и затоа слабо функционираат. Исто така, не е во функција сувенирницата кај Комерцијална банка поради градежните активности што се одвиваа на плоштадот „Скендер бег“.

Исто така, слаба е продажбата на сувенирите во самата порта „Македонија“, која според директорот Николов ќе мора да се затвори.

– Во оваа сувенирница воопшто нема промет и таа ќе се предаде на Музејот на македонската борба за тие да си продаваат сопствени сувенири – рече Николов.  

Николов најави дека заедно со Градот, поточно со Секторот за локален економски развој и Здружението на уметници ракототворци „Арти крафт“ имаат намера да ги заживеат сувенирниците.

На тој начин ќе направиме промоција на Градот, но и нова серија на сувенири. Ударни ќе бидат сувенирниците на улицата „Македонија“ и онаа од страната на реката Вардар кај Ирскиот паб – потенцира Николов. 

Тој забележа и на тоа што сувенирите се поврзани со објектите од проектот „Скопје 2014“.

– За нив се потрошени околу 220.000 евра. Има над 200 илјади такви сувенири низ цела Македонија. Од нив се продаваат 10 проценти. Затоа, новото Министерството за култура во 2017 година формираше Комисија за преиспитување на сувенирите и се чека одлука од Владата за да се види што ќе се прави со нив. Комисијата има сопствен заклучок, а тоа е да се тргне фиксната цена на сувенирите. Не сме конкурентни со тие цени, а задолжени сме со претходната Влада. Дел од нив кои можат да користат би се задржале, додека дел би се уништиле – објасни Николов.

Тој информираше дека како Музеј на Македонија повеќе од 25 години произведува и сопствени сувенири.

– Имаме своја работилница каде се изработуваат сувенири врз база на оригинални предмети од Музејот на Македонија и Археолошкиот музеј. Тие многу добро се продаваат. Имаме соработка и со туристички агенции кои работат на промоција на македонски производи. Ние имаме богата лепеза на производи-сувенири кои ние ги произведуваме со сертификат и печат, како репрезент на нашата култура. Продаваме и накит, а редовно ги поддржуваме и занаетчиите – вели Николов.

Претседателката на Здружението на уметници ракотворци, Гордана Митровска вели дека веќе четврта година по ред излагаат и соработуваат со Музејот на Македонија, а нивни производи се и во сувенирниците на овој музеј. Тие излагаат: шишиња изработени од слама, потоа рачно изработени сувенири – разбои кои потсетуваат на автентичен стар разбој, везени носии детски и за возрасни, делови од носии (чорапчиња, опинчиња, појаси, марами), рачно изработен накит од мониста, слики од срма со пеперутки, со наши народни носии и друго.

– Сега за Музејот на Македонија подготвуваме колекција на сувенири со албански мотиви, бидејќи Музејот на Македонија ќе подготвува таква сувенирница -информираше Митровска.

 

(А.П.)