Напад на пакистанската амбасада во Кабул, цел бил пакистанскиот амбасадор во Авганистан

26
Член на обезбедувањето е тешко ранет во напад на пакистанската амбасада во Авганистан. Министерството за надворешни работи на Пакистан смета дека цел на нападот бил шефот на мисијата во Кабул, Убаид Рехман Низамани.
Низамани пристигна во Кабул минатиот месец за да за да раководи со една од ретките амбасади кои продолжија да функционираат откако талибанците ја презедоа власта во земјата во август 2021 година.
Пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф нападот го нарече „обид за атентат“ и побара истрага и акција против сторителите.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на талибанските власти во Авганистан го осуди нападот. „Исламскиот емират на Авганистан најостро го осудува обидот за пукање и неуспешниот напад врз пакистанската амбасада во Кабул“, напиша портпаролот на Твитер.
Нападот врз амбасадата се случи во услови на зголемена загриженост за безбедноста во областите што граничат со Авганистан, откако пакистанските талибанци во понеделникот објавија дека повеќе нема да го почитуваат едномесечниот прекин на огнот со пакистанската влада.
Од крајот на минатата година, талибанските власти во Авганистан им помагаат на мировните преговори меѓу локалните борци и пакистанските власти.
Во последните месеци беа извршени неколку напади, главно против цивилни објекти и објекти на талибанската администрација.