Наместо трговски центар, ќе се гради нов парк во населбата Касарна

140

Наместо трговски центар, ќе се гради нов парк на површина од околу 18 илјади квадратни метри во населбата Касарна во Струмица. Градоначалникот Костадин Костадинов истакна дека со Генералниот урбанистички план е планирано да има трговски центар, но по извршените консултации, била постигната согласност дека нема потреба од таква градба.

– Планираме да го облагородиме тоа место со дополнителна површина под парк, со што навистина во населбата Касарна ќе има поубави услови за живот – изјави струмичкиот градоначалник.

Исто така, на местото од запуштениот и узурпиран простор од некогашната Маларична болница ќе се градат игралиште и паркинг. Костадинов вели дека, конечно, треба да се уреди овој грд и запуштен простор на влезот во Турското Маало, кој повеќе години е узурпиран, а објектите од некогашната болница се претворени во живеалишта.

Според него, веќе овој месец Советот на Општината треба да ја почне постапката за одбивање на неколку барања за легализација, бидејќи се работи за времени објекти.

– Овој простор во некогашната Маларична болница нема регулиран статус, а средствата во износ од 2,2 милиона денари, кои ги имаме во буџетот, ќе ги пренасочиме кон комуналното претпријатие со цел да се расчисти просторот. Во буџетот за 2023 година, пред советниците ќе излеземе со предлог да се изгради паркинг на овој простор, за потребите на црквата „Свети Петнаесет“ и џамијата, а дополнително со тоа ќе обезбедиме и едно мултифункционално игралиште за потребите на жителите од овој дел на градот – изјави Костадинов.