Наместо со 50, автобусите можат да возат со 75 отсто исполнетост на капацитетите

На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата ги прифати измените во протоколите за вршење меѓуградски и меѓународен превоз на патници, со што наместо исполнетост до 50 отсто, отсега во меѓуградскиот и меѓународниот патнички превоз е дозволено исполнетост најмногу до 75 отсто од вкупниот капацитет на возилата

77

Наместо со исполнетост од 50 отсто, автобусите може да возат со 75 отсто од вкупниот број на патници. Оваа одлука, со која се врши измена на протоколите за превоз на патници, Владата по препорака на Комисијата за заразни болести ја донесе на последната седница. Одлуката за зголемен бројот на патници се однесува на автобусите од градскиот и од меѓуградскиот превоз.
-На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата ги прифати измените во протоколите за вршење меѓуградски и меѓународен превоз на патници, со што наместо исполнетост до 50 отсто, отсега во меѓуградскиот и меѓународниот патнички превоз е дозволено исполнетост најмногу до 75 отсто од вкупниот капацитет на возилата, информираат од Владата, по одржаната седница.
Ова беше едно од барањата на протестот на туристичките агенции, а зголемување на бројот на патници во автобусите бараа и превозниците кои тврдеа дека на ваков начин ќе се намалат загубите во превозот.
Покрај измена на правилото за 50 отсто пополнетост на капацитетите во во автобусите за меѓуградски и меѓународен, другите правила засега остануваат исти. Тие се однесуваат на задолжително носење на заштитни маски на патниците и возачот, забрана за јадење, грицкање и пиење. На автобуските станици треба да се означат точки за патниците со цел воспоставување на ред за чекање со одржување на физичко растојание од 1,5 до 2 метри и одржување на редот од страна на одговорни лица на станицата. На влезните врати треба да има средство за дезинфекција. По завршување на турата задолжително е механичко чистење и дезинфекција на автобусите, а за извршената дезинфекција треба да се води редовна дневна евиденција.
Туристичките работници бараа под итно да се промени одлуката за превоз на 50 проценти на патници во автобусите, бидејќи според нив ниту една земја од Балканот, па и светот нема ваков протокол
-Нема никаква логика да остане овој протокол кога со почитување на безбедносните мерки, може да се организира патување. Поставуваме ултиматум, најдоцна до 15-ти август да дојде до измена на оваа нелогична одлука за превозот со автобуси и да се продолжи мерката за субвенционирање на платите на нашиот сектор во кој спаѓаат туристичките агенции, водичите и превозниците, се вели во соопштението од туристичките работници.