Наместо проблематичната Еуросиг, оштететените од сообраќајката на „Дурмо турс“ ќе ги обесштети Граве

656

Повредените и семјествата на починатите во сообраќајната несреќа со автобусот на „Дурмо турс“ што се случи пролетва отштетата што им следува ќе им ја исплатува осигурителната компанија Граве. Оваа австриска компанија од понеделникот, кога од Агенцијата за супервизија на осигурувањето – АСО доби согласност, е сопственик на друштвото Еуросиг, каде што бил осигурен „Дурмо турс“, а кое, според неофицијални информации, работело со проблеми.

Од АСО велат дека процесот на обесштетување може да трае долго, зашто штетите прво треба да се пријават, а бидејќи има многу повредени кои се уште се лекуваат, ќе помине доста време додека им се комплетира предметот, односно додека им се утврди конечната дијагноза, степенот на инвалидност и слично.

-Таму каде што има смртен случај,  исплатата може да се одвива без пречки, нормално ако се завршени сите постапки во Минстерството за внатрешни работи. Во овој момент немаме информација дали некој е обесштетен, меѓутоа, немаме ни дојава од осигуреници или од семејства на жртви дека има некој проблем во делот на исплатата на штети, вели Климе Попоски.

Освен Еуросиг, од почетокот на годинава нов сопственик има и Нова одигурување, кое го купи Халк банк и го ребрендираше во Халк осигурување.

-На двете преземања гледаме како признание на постоење на функционален пазар на осигурување и истовремено како на позитивен тренд со оглед на тоа што на домашниот пазар се привлечени осигурителни групации со голема традиција, што подразбира подобри осигурителни услуги за граѓаните и стопанството, вели Климе Попоски од АСО.