Наместо датум, ЕУ со утешна награда за Македонија од 50 милиони евра

Еврокомесартот Вархеји рече дека ЕК повторно ќе препорача почеток на преговори за Македонија, но дека земјава треба да испрати добра порака и да го донесе Законот за јавно обвинителство. Аналитичарот Марко Трошановски вели дека ова барање од Брисел го става теретот на политичките партии да делуваат одговорно и доколку партиите не го донесат законот, тоа би било целосно антидржавните интереси

162

Позитивна прва посета на земјава на новиот еврокомесар за преговори за проширување и соседска политика Оливер Вархеји со пофалби и очекувања, но гаранција за датум за Македонија нема. Вархеји, при неговата посета во средата, испрати јасна порака дека приоритет е носењето на Законот за јавно обвинителство од страна на овој парламентарен состав, како и спроведувањето на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Еврокомесарот потенцираше и дека очекува успешни избори.

Политичките партии имаат помалку од еден месец за да донесат нов закон за јавно обвинителство бидејќи Собранието треба да се распушти на 11 февруари поради предвремените парламентарни избори кои веќе се закажани за 12 април. Аналитичарот Марко Трошановски смета дека барањето од Брисел за носење на Законот за јавно обвинителство е во насока на владеењето на правото.

 -Сега за прв пат станува официјално и формално барањето од ЕК донесувањето на Законот за јавно обвинителство да биде услов за датум, што го става теретот на политичките партии да делуваат одговорно. Доколку партиите не го донесат овој закон, тоа би било целосно антидржавните интереси. Време има до распуштање на Парламентот за да се донесе законот. Прашање е на политичка волја и визионерство, а не на време, да се донесе тој закон, вели Трошановски.

Последниот збор е на Советот на ЕУ

Тој потенцира дека оптимистичките и охрабрувачки пораки од еврокомесарот дека треба да има позитивна одлука од Советот за отворање на пристапните преговори пред Самитот во Загреб во мај, сепак, се став на ЕК и предупредува дека веќе не можеме да си дозволиме подигање на очекувањата, затоа што последниот збор го има токму Советот на ЕУ.

Европската комисија идниот месец треба да го објави и мини извештајот за реформскиот напредок во Македонија и во Албанија. Земјите членки во март, врз основа на тој извештај, ќе одлучуваат дали двете држави се спремни за старт на преговорите. Вархеји рече дека Брисел сè уште не почнал да го пишува тој извештај. Еврокомесарот најави дека ЕК ќе се држи до првичната проценка дека Македонија и Албанија се спремни за почеток на преговори, но истакна дека земјава ќе испрати добра порака ако го донесе Законот за јавно обвинителство.

Вархеји изрази оптимизам дека треба да има позитивна одлука од Советот за отворање на пристапните преговори пред Самитот во Загреб годинава.

 -Сакаме да предложиме отворање на пристапни преговори уште пролетва, но тоа треба да дојде заедно со економски план за регионот. На Самитот во Загреб се надевам дека ќе ја добиеме поддршката на земјите членки за интензивирање на нашето присуство и затворање на економскиот јаз меѓу вас и нас, изјави Вархеји.

Брисел на линија со Париз

Сепак, гаранција за датум не добивме ниту од еврокомесарот, но Вархеји најави парична награда за земјава од 50 милиони евра за досега сработеното.

– Побарав ЕП да определи награда од 50 милиони евра за постигнувањата и резултатите на земјата во искористувањето на европските фондови. Предлогот очекувам дека ќе добие зелено светло и ќе се овласти исплатата, изјави Вархеји.

Трошановски вели дека паричната помош што ја најави Вархеји е порака од ЕУ дека посветеноста на европскиот пат и прогресот во остварувањето на ЕУ реформите ќе биде и финансиски поддржан од Унијата.

Во однос на тоа доколку новата методологија за преговарање не биде усогласена во март или мај, дали ќе имаме зелено светло од Франција за отпочнување на паралелни преговори на кои инсистира ЕК, Вархеји рече дека контактира со сите земји членки особено со оние што има одредени грижи во октомври и кои во тоа време во октомври не се договорија. 

–Минатата недела го посетив Париз каде што имав интензивни, но позитивни дискусии со француските власти и мислам дека имаме начин да се справиме со сите предизвици со кои се соочуваме и се надевам дека ќе можеме да ги исполниме сите услови поставени од различни засегнати страни, истакна Вархеји.

И францускиот амбасадор Кристијан Тимоние деновиве испрати јасна порака дека Законот за обвинителство е еден од клучните услови за добивање датум.  (В.С.Н.)