Животниот век во САД во 2020 година се намали за 1,5 година, што е најголем пад од од Втората светска војна, соопштија американските здравствени власти.

Податоците од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) покажуваат дека просечниот животен век на Американците минатата година се намалил од 78,8 години на 77,3 години.

Главна причина за намалувањето на животниот век на Американците, според истражувачите, е пандемијата со Ковид-19, како и рекордно високата смртност од дрога.

Извештајот на Националниот центар за здравствена статистика откри дека вкупната просечна возраст од 77,3 години е најниска од 2003 година. Официјалните лица минатата недела објавија дека смртноста од предозирање со дрога е зголемена за речиси 30 проценти во 2020 година, достигнувајќи рекордна бројка од над 93.000 луѓе.

Во САД повторно е забележан раст на новоинфицирани со Ковид-19. Бројот на хоспитализирани исто така се зголемува, а дневниот број на смртни случаи е речиси 50 проценти поголем од минатата недела. Повеќе од 600.000 Американци починаа од почетокот на пандемијата.