Од Здружението за спортски риболовци „Бабуна“ во Велес информираат дека во екот на мрестот на рибите на реките на велешкиот Ревир Вардар 4, од 15 април до 15 мај кога важеше забраната за риболов на сите топловодни риби, споредено со изминатите годинава е намалено рибократството, што се должи на зголемените контроли на терен од страна  на рибочуварската служба на ЗСР „Бабуна“ и полицијата.

Мартин Павлов претседател на ЗСР „Бабуна“, вели дека во екот на забраната на  терен нашле десетина мрежи за риболов, но на самото место затекнале само двајца рибократци против кои ќе бидат поднесени соодветни пријави за прекршителите од страна на  Државниот инспекторат за рибарство.

-Во текот на овој месец имавме одличен мрест на рибите, најмногу на скобалтот. Забраната за риболов за сите топловодни риби заврши на 15 мај, но до 31 мај продолжува забраната за риболов на сом и крап – информира Павлов.

Тој потсети дека од 15 април до 31 мај се уште важи тотална забрана за рибарење на секаков вид риби на следните специфични локации во велешкиот Ревир  Вардар 4 и тоа: на река Бабуна: од влив на река Вардар 10 километри низводно до село Војница, по течението на река Вардар: почнувајќи три километри пред Башино село до Велес, на река Црна: од влив во река Вардар низводно до брана на акумулација Тиквеш и на река Брегалница:од влив во река Вардар 2 километри низводно.

Тие апелираат до сите свои членови спортски риболовци и останатите граѓани љубители на природата и реките, да бидат совесни и да се грижат за рибниот фонд во реките и да ја чуваат животната средина.