Намазот во џамија на дистанца и со маска: Нема главна манифестација за Курбан Бајрам

Од верниците, исто така се бара да внимаваат на физичката дистанца, а ИВЗ забранува групирање пред или по молитвата. ИВЗ Укажува дека Сабах намаз треба се изврши дома, а намазот на Курбан Бајрам да не трае подолго од 15 минути.

544

Главната манифестација за Курбан Бајрам, кој се празнува утре, поради актуелната состојба со ковид-19 се откажува, одлучи ријасетот на ИВЗ. Според верските обреди, оваа година почнува на 31 јули со Бајрам намаз во Скопје, во 6 часот и 6 минути и трае четири дена.

Во сопштението на ИВЗ се наведува дека при бајрамската молитва, верниците се должни да ги почитуват мерките кои важаат и за извршување секојдневен намаз во џамија, односно, задолжително носење маска, дезинфекција на рацете или носење ракавици и секој верник треба да има лично сеџаде.

Од ИВЗ наведуваат дека џамиите ќе бидат дезинфицирани, но укажуваат дека за извршување на молитвата треба да се користат дворовите на џамиите.

Од верниците, исто така се бара да внимаваат на физичката дистанца, а ИВЗ забранува групирање пред или по молитвата. ИВЗ Укажува дека Сабах намаз треба се изврши дома, а намазот на Курбан Бајрам да не трае подолго од 15 минути.

Според традицијата, секое семејство треба да заколе животно на ритуален начин. Тоа симболизира принесување жртва-курбан, како приближување кон Бога, а месото се раздавa на социјално загрозените семејства, сиромашните и најблиските.

Затоа, Агенцијата за храна и ветеринарство и годинава апелираше до граѓаните да не купуваат добиток од дивите пазари туку месо за празникот да набават од одобрените месарници. АХВ потсетува дека движењето на животните треба да се врши исклучиво со поседување сертификат за здравствената состојба на секоја единка, а колењето само во одобрени кланици од страна на Агенцијата.

Традиционалната продажба на овните кои се принесуваат за курбан, почна, но, сточарите се генерално разочарани од слабиот интерес кај верниците да купат.

-За разлика од минатата, кога сточарите од Дебар и Центар Жупа продадоа над 4.000 грла ситен добиток, главно овни, годинава не очекуваме да се продадат ниту половина. Нашите очекувања се од 1.000 до 1.500 грла. Нездоволството кај сточарите e големо. Поради ниската цена на јагнињата, оставивме поголем број грла за продажба за Курбан Бајрам, но како што стојат работите ништо и од тоа, вели Скендер Аме, претседател на друштвото на одгледувачи на овци „Даши“.

Причината за ваквата ситуација, според него, е пандемијата која ги спречи печалбарите да дојдат дома и да го прослават Бајрам тука. Дополнително, за намалениот интерес придонесуваат и информаците дека во некои делови од државата има „син јазик“, а влијание има и определбата на некои од верниците парите за курбан да ги донираат во муфтиствата. Цената се движи од 70 до 120 евра, по грло, што зависи од тежината.

Отпадот од колењето на курбанот да се фрла во специјални контејнери

Скопското јавно претпријатие „Комунална хигиена“, по повод празникот Курбан Бајрам, постави специјални садови за одлагање на органскиот отпад од колењето на курбанот, со цел спречување на неконтролираното одлагање на овој вид отпад на јавни површини што може да доведе до низа штетни последици врз животната околина и јавното здравје. Директорот на претпријатието Абдусамед Шабани апелира до сите граѓани во Скопје органскиот отпад да го фрлаат во тие специјални садови кои ќе бидат поставени на неколку локации во скопските општини.

Скопскиот муфтија Кенан Исмаили вели дека нивниот дел е да ја кренат свеста кај верниците дека отпадоците од животните што ќе се колат за празникот треба да се фрлаат само во специјалните садови.

– Земјаќи предвид дека оваа година освен светската пандемија Ковид-19, се соочуваме и со болеста Син јазик кај животните, верниците да внимаваат со купување и колење на курбани во своите домови, но тоа да го направат или преку Исламската верска заедница, или преку надлежните каде соодветно санитарните и верските стандарди прават колење на курбаните. Ние сме подготвени за утрешниот ден, рече Исмаили упатувајќи апел граѓаните да се задржуваат пократко во џамиите, односно 15 до 20 минути.