Резултатите од систематските прегледи на децата од основните и од средното училиште во Општина Гевгелија од година на година укажуваат на пораст на деформитетите на ‘рбетниот столб, стапалата и на другите делови од телото. Според државниот попис од 2021 година, во основните училишта во Општина Гевгелија учат вкупно 1.767 ученици. Од друга страна, според Центарот за јавно здравје Гевгелија и Институтот за јавно здравје на Македонија, при извршените систематски прегледи на учениците, кај 1.237 ученици или 70 насто од учениците од основното образование во Општината е утврдена патолошката состојба „деформитети“ (лошо држење, лоша развиеност, лоша исхранетост, деформитети на градниот кош, на ‘рбетниот столб и на стапалата). Коскено-мускулниот систем, особено кај децата во развој, под влијание на надворешни и на внатрешни фактори, е подложен на деформации. Долгиот престој во училиштата, седењето и работата на училишните клупи и пред компјутерите, претешките училишни ранци, кратковидоста, како и сè почестото користење на разновидните моторни превозни средства, наметнаа намалување на физичката активност кај целата популација. Ова е особено изразено кај децата од училишна возраст, при што доаѓа до појава на најчестите деформитети на ‘рбетниот столб, како што се кифозата, лордозата, сколиозата и рамните стапала.

Овие податоци го вклучија црвеното светло на Спа и велнес асоцијацијата на Македонија, со седиште во Гевгелија, која изготви проект насловен „Акција за здрави млади“.

За целта на проектот, изворите и за начинот за потврдување, како и за претпоставките и ризиците на проектот разговаравме со администраторот и потпретседател на Спа и велнес асоцијацијата на Македонија, Ристо Камов.

– Се работи за проект кој е заедничка акција на Општина Гевгелија и на Европската Унија, преку програмата „Reload 2“ и програмата за развој на Обединетите нации. Партнери на проектот се Општата болница со проширена дејност Гевгелија, преку докторката педијатар Елена Јованова и Центарот за јавно здравје Гевгелија, претставуван од доктор Сашко Олумчев, како и основните училишта на територијата на Општината. Потребата од спроведување на овој проект е подобрување на патолошката состојба со деформациите на ‘рбетниот столб и на стапалата на учениците од основното образование, кои беа нотирани преку систематските прегледи на учениците од основните училишта во Општина Гевгелија. Се планира да се направи тоа преку подигнување на свеста на наставниците и на родителите за грижата за физичкото и за менталното здравје на учениците, поттикнување на здрав живот и здрави навики кај учениците, спортски активности и комплексни вежби наменети за правилен развој на телото, кои ќе се изведуваат на часовите по физичко воспитание.

Бидејќи најчесто е последица на мускулната слабост во слабинскиот дел од ‘рбетниот столб, слабата циркулација и друго, неправилното телесно држење може да се поправи преку вежби за мускулна сила, со што ќе се зајакнат постуралните мускули.

Активностите на проектот „Акција за здрави млади“ предвидуваат, по завршениот скрининг на најмалку 200 ученици од четири основни училишта, да се формираат три групи до максимум 10-мина ученици од двата пола, каде што ќе се изведуваат активности поделени според видот на деформитетот.

Активностите на проектот превидуваат континуирани средби со родителите, како што е давање согласност за изведување на корективните вежби, за посета на базен и за екскурзии во природа, како и следење на постигнатите резултати. Овие активности треба да нè доведат до крајната цел, подобрена патолошка ситуација, односно отстранување или намалување на констатираните деформитети кај најмалку 20-мина учениците.

Времетраењето на проектот е 12 месеци, од март 2023 до февруари 2024 година. Во овој период се планирани четири еваулации за постигнатите резултати, публикување видеа, како и прирачник со превентивни вежби за ‘рбетниот столб и за стапалата. Проектот ќе заврши со манифестација за презентацијата на постигнатите резултати и со дефинирање на одржливоста на проектот со присуство на учесниците и на претставниците на донаторите на проектот – ни појасни Камов.

Еве што, пак, ни изјавија докторите што се вклучени директно во реализацијата на активностите, Елена Јованова и Сашко Олумчев, за овој проект.

– Како лекар, учесник во проектот „Креативна гимнастика и рано откривање на деформитетите на ‘рбетниот столб и рамните стапала кај учениците од основните училишта во Општина Гевгелија“, ги повикав сите родители да ги доведат своите деца во просториите на Пионерскиот дом за да направиме една рана евалуација и детекција на овие деформитети.

Оние деца кај кои ќе откриеме дискретни деформитети на ‘рбетот и на стапалата ќе влезат во програмата за креативна гимнастика и вежби, додека останатите, со потешки деформитети, ќе бидат испратени во соодветните институции за понатамошна еваулација.

Сметам дека тука треба да се вклучи и Министерството за образование и наука, во смисла ако е потребно, да се внесат некои измени во часовите по физичко воспитание, а кои би придонеле, со вклучување посебни вежби, да се намалат деформитетите на ‘рбетниот ст– изјави доктор Елена Јованова, педијатар во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија.

– Центарот за јавно здравје Велес, Подрачна единица Гевгелија, се вклучи во овој проект со превентивни мерки, а сè со цел да создадеме здрава, млада популација – истакна доктор Сашко Олумчев.

За време на скринингот што ќе се прави со децата, ќе можеме да ги согледаме податоците за тоа како стојат работите со деформитетите на ‘рбетот и на стапалата кај учениците.

Бројките, вели Олумчев, навистина се алармантни и кај нас и во светот, и постојано растат. Ако во светски рамки процентот на вкупното население кое има одреден деформитет на ‘рбетниот столб и рамни стапала се движи меѓу 3,5 до 10 проценти, кај нас, во Македонија, тој е некаде на средина, околу 7 проценти.

Откако ќе ги собереме сите податоци од скринингот, ќе направиме сеопфатна анализа каде сме како Општина Гевгелија со овој проблем и што можеме да сториме ние, како Центар за јавно здравје, во смисла да му дадеме совети на населението како полесно да се справи со овој тип деформитети.

Кога зборуваме за деформитетите на ‘рбетниот столб, најчеста е сколиозата. Има сколиоза која е дефинитивна работа и сколиозни состојби кои треба да се детектираат, па да се испратат таквите ученици кај специјалисти за да може да се исправи сето тоа.

Ние, како превентива, може да дадеме совети до училиштата какви столчиња се потребни за приспособување на телото на ученикот, какви ранци треба да се носат, какви обуки и вежби треба да ги практикуваат наставниците на часовите по физичко воспитување, заврши Олумчев.

На крајот, да се надеваме дека корисниот аспект на овој проект, преку влијанието на учениците, родителите и на наставниците, ќе доведе до посакуваната цел, а тоа е намалување на бројот на ученици со деформитети на ‘рбетниот столб и на стапалата.

Љубчо Алексовски