Над 6% од домаќинствата во Македонија паднале во длабока сиромаштија поради трошоци за приватно лекување

СЗО ја објави анализата за финансиска заштита во здравствениот систем на земјава

177

Како што се вели во извештајот на СЗО во 2018 година, над шест проценти од домаќинствата во Северна Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита (големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за вакви услуги). Катастрофалните трошоци, смета СЗО, најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови, а тие се должат главно на приватни плаќања за лекови

Посилната примарна здравствена заштита, пократкото време на чекање и поголемиот опфат со здравствено осигурување, ја подобрија финансиската заштита на македонските граѓани. Исто така, нашите граѓани сѐ повеќе имаат пристап до јавно финансирана здравствена заштита, иако катастрофалните трошоци за здравствена заштита остануваат предизвик. Ова се дел од заклучоците содржани во новиот извештај на СЗО/Европа објавен вчера.

-Во 2018 година, над шест проценти од домаќинствата во Северна Македонија имале катастрофални трошоци за здравствена заштита (големи приватни плаќања мерено според капацитетот на домаќинството да плати за здравствена заштита), се вели во извештајот на СЗО и дополнува дека катастрофалните трошоци најмногу ги погодуваат посиромашните луѓе и домаќинствата со постари членови. Тие се должат главно на приватни плаќања за лекови.

Како што вели рече д-р Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, за прв пат има можност да се сумира напредокот во областа на финансиската заштита што го направи земјава во последните години.

– Во последните години, Европската комисија постојано ја потенцираше потребата од инвестиции во опрема и капацитети во здравствениот сектор во Северна Македонија, како и од мерки за запирање на одливот на медицински персонал од националниот здравствен систем. Анализата на СЗО за финансиската заштита во здравствениот систем на земјава ја потврдува оваа процена и дава увид во финансирањето на здравствените услуги. Особено се потребни мерки за отстранување на здравствените нееднаквости, вклучително и преку зајакнување на националниот систем за здравствено осигурување. Поддршката на ЕУ за изработката на стратегија за здравје за периодот 2021-2030 г. ќе придонесе за подобро здравје за сите – потенцира Дејвид Гир, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија во земјава.

– Добро е да се види дека состојбата со пристапот и финансиската заштита се подобрувала пред пандемијата – посочи д-р Џихан Тавила, претставник на СЗО во Северна Македонија.

Извештајот детектира дека финансиските тешкотии поради формални и неформални приватни плаќања се одраз на постојаните празнини во опфатот со здравствена заштита: дел од населението е неосигурено; опфатот со лекови е ограничен; а заштитата од кориснички трошоци (партиципација) е недоволна. Покрај тоа, уделот на јавните расходи за здравствена заштита во БДП опаѓа. Новиот извештај дава серија препораки за подобрување на пристапот до здравствена заштита и финансиската заштита во Северна Македонија.

– Да се опфати целото население со прекинување на врската помеѓу правото на здравствена заштита и плаќањето придонеси за здравствено осигурување, така што пристапот до здравствена заштита повеќе нема да зависи од здравственото осигурување, да се направат лековите подостапни за луѓето преку стратешки набавки, редовно ажурирање на позитивната листа, ослободување на повеќе луѓе со ниски приходи од кориснички трошоци (партиципација) и проширување на годишното ограничување на партиципацијата на сите видови партиципација и да се отстранат причините за неформални плаќања, почнувајќи со подобро следење на нивната улога и големина, стои во извештајот.

Се заклучува дека овие промени ќе треба да бидат поткрепени со повисоки јавни расходи за здравствена заштита и со внимателна употреба на новите ресурси за да се исполнат целите за правичност и ефикасност.

За министерот за здравство Венко Филипче, овој извештај доаѓа во вистински момент, кога се соочуваме со акутна потреба од брз одговор на пандемијата на ковид-19 и премин кон поодржлив и поотпорен здравствен систем, во кој ниту еден човек нема да биде заборавен.

-Министерството за здравство ќе се обврзе да ги спроведе препораките од извештајот, за да се намалат финансиските тешкотии со кои се соочуваат граѓаните при користењето здравствени услуги, како што земјата напредува кон универзална здравствена заштита и гради подобар систем од оној пред пандемијата, вели Филипче.

(В.Ма.)