Над 200 учесници пратија порака „Спаси ја Лешница“

77

Планинарски марш и протест под мотото „Спаси ја Лешница“ се одржа во неделата до месноста Лешница на Шар Планина, организиран од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“. Над 200 учесници упатија порака дека треба да се прекине сечата на шумата и дрвјата и да се стопира изградба на хидроцентрали на Шар Планина, особено во подрачјето на Лешница.

– Бараме од сите институции итно да ги прекинат сите незаконски работи во делот на хидроцентралите бидејќи немаат комплетна техничка документација. Сечењето на дрвјата и отворањето на новите траси е големо, сè се уништува. Денеска праќаме порака до сите и гледаме што се случува горе. Оваа болест ја опфатила целата територија на Шара во Косово, Македонија, Албанија. Треба да има детална анализа и да се прекинат сите интервенции – изјави Хамди Сулејмани од иницијатива „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Планинарското движење започна од селото Бозовце, со времетраење од три часа, преку патека која води до месноста Лешница, на надморска височина од 1.450 метри. До Лешница се стигнува и од Попова Шапка, а ја одликува високи карпи, тревнати предели и густа зимзелена и букова шума, како и богата ендемична флора и фауна. Постои и Лешничка Река, која е десна притока на тетовската река Пена.