На Водно денеска се одржа седмото издание на најголемиот планински спортски настан во регионот „Прв до врв“. Омилениот настан на скопјани и оваа година во програмата ги имаше трките во планинско трчање, планински велосипедизам, друмски велосипедизам, тим-билдинг трка за компании, како и традиционалниот пикник на целта кај врвот.

Оваа година учествуваа над двe илјади натпреварувачи од земјава и странство. Од Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ најавија награда од 6.000 денари за освојување на нов рекорд на искачување. Исто така, на првиот во генерална категорија Шпаркасе банка му додели спортска опрема во вредност од 5.000 денари.

Од петокот сите велосипедисти на Водно имаат на располагање сервисна станица со држач за велосипеди, алати и пумпа. Станицата се наоѓа на вториот паркинг на Средно Водно.

– Ја поставивме во соработка со градот за да им е од корист и помош на сите велосипедисти. Затоа да ја чуваме и користиме како своја, за да биде исправна секогаш кога ќе ни затреба – велат од „Прв до врв“.

(С.Бл.)