Над 150 натпреварувачи на меморијалната урбано-ридска трка „Васе Ангелов“ во општина Зрновци

43

Општина Зрновци и Локалниот совет на млади денеска беа организатори на втората меморијална урбано-ридска трка „Васе Ангелов“. Се трчаше на патека долга 2,5 километри, од мултинаменското спортско игралиште на влезот во Зрновци до манастирот „Свети Тома“ во кањонот на реката Зрновка.

Под мотото „Младите трчаат“, на трката учествуваа над 150 натпреварувачи од сите возрасни категории, кои успешно ја истрчаа патеката и ја остварија заложбата на локалната самоуправа за традиционално одржување на манифестацијата.

– Трката ја организираме со две цели, да го одржиме споменот на нашиот млад сограѓанин и другар Васе Ангелов, како и да ги мотивираме младите да учествуваат во спортско-рекреативни активности во природа. Настанот веќе добива регионален карактер со оглед на тоа што имаме учесници и од соседните општини Кочани, Виница и од Чешиново – Облешево, а се надеваме дека од догодина ќе дојдат и гости од други места во регионот и пошироко. Упатувам благодарност до семејството Ангелови за поддршката во организирањето на целата манифестација, истакна градоначалникот на општина Зрновци, Борчо Коцев.

Придонес во одржувањето на меморијалната трка дадоа и членовите на Локалниот совет на млади од општина Зрновци, кои се вклучија во организациските и оперативните активности.

– Оваа трка е дел од нашата годишна програма за активности со кои работиме на мотивирање на младите да трчаат и да спортуваат. За најдобрите тројца во машка и женска конкуренција, обезбедивме награди и признанија за учеството на настанот, појасни претседателката на Локалниот совет на млади, Елена Ристова.

Урбано-ридската трка во Зрновци доби поддршка и од Доброволната планинска спасителска служба „Осогово“ – Кочани, Црвениот крст, МВР и Општата болница од Кочани.