Над 100 компании казнети за неиздавање на фискални сметки

Мерката Мој ДДВ ги даде очекуваните резултати, а наплатата на даноците, како што кажа директорката на УЈП, Сања Лукаревска, е „брилијантна“. Откако почна скенирањето на фискалните сметки над 100 компании се казнети за неиздавање на фискални сметки

159

За две недели ќе бидат исплатени парите од повратот на ДДВ што граѓаните го прават со скенирање на фискалните сметки. Поради тоа, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, апелираше до граѓаните да проверат во нивните апликации дали им е внесен бројот на трансакциската сметка за да може да се изврши повратот на ДДВ за месеците: јули, август и септември.

-Бројот на корисниците е 183.572, скенирани се 38.514.016 фискални сметки, остварен е промет од 18.877.173.838 денари. Вкупниот ДДВ е во износ од 2.044.125.819 денари, поврат од 15 отсто е во висина 4,986 милиони евра, информираше директорката Лукаревска.

Според неа, мерката Мој ДДВ ги дала очекуваните резултати, наплатата на даноците се одвива со добро темпо. Годинава очекува, како што кажа, „брилијантна“ наплата на даноци. Откако почна скенирањето на фискалните сметки, според информациите над 100 компании се казнети за неиздавање на фискални сметки.

-Реализиравме повеќе проекти кои значително ги подобруваат услугите кон граѓаните и кон малите, средни и големи компании и значително ја подобривме наплатата. Постигнати се значајни резултати во наплатата на даночните приходи во периодот јануари – октомври и остварен е вкупен даночен приход од 68 милијарди денари кој е за 3 отсто поголем од остварениот приход во истиот период лани и над 10 отсто од остварениот период во 2017 година. Трендот на добра реализација на даночните приходи продолжува и во текот на месец ноември годинава, изјави Лукаревска.

Таа додаде дека е зголемена и наплатата на социјалните придонеси од плата. По основ на социјалните придонеси од плата во периодот јануари – октомври остварен е вкупен приход во износ од 59,4 милијарди денари, кој е повисок за 8,6 отсто од лани и за 16,3 отсто од 2017 година.

-Вршиме редовен поврат кон сите фирми без селекција кој во 2019 година е за 41,5 отсто поголем во однос на 2015 година и за 43 отсто во однос на 2016 година, истакна Лукаревска.

Таа додаде дека во насока на поедноставување на постапката за плаќање данок е и електронскиот систем за персонален данок за која цел УЈП започна со издавање на претпополнета даночна пријава. (А.С.)

Фото: Ѕ.Плавевски