Бројот на заразени од коронавирус во светот викендот надмина 10 милиони, од кои во САД има 4 милиони заболени од болеста ковид-19, која во последните седум месеци однесе речиси половина милион животи ширум светот, објави Ројтерс.

По САД, според бројот на заразени следува Бразил со над 1,3 милиони, Русија со над 600 илјади и Индија со над 500 илјади заболени, покажуваат податоците од американскиот универзитет Џон Хопкинс.

Британија има над 300 илјади заболени, Перу 275 илјади и Чиле речиси 270 илјади заболени.

Потоа следуваат Шпанија со речиси 250 илјади заразени и Италија со над 240 илјади заболени.

Овие бројки се приближно двојно повеќе од бројот на заболени на годишно ниво при епидемија на грип, велат податоците на СЗО.

Новиот праг светот го надмина во момент кога многу од погодените земји почнаа да ги ублажуваат мерките со цел да го поттикнат стопанството со нови работни и општествени правила на однесување кои би можело да бидат на сила уште повеќе од една година кога евентуално би можело да се создаде првата вакцина.

Некои земји кои епидемијата ја ставија под контрола сега се соочуваат со избивање на нови жаришта откако ги ублажија мерките и експертите сметаат дека ова ќе се случува и годинава и следната година, пишува Ројтерс.

Во Северна Америка, Јужна Америка и Европа се по четвртина од случаите на ковид-19, а во Азија се 11 отсто од случаите и на Блискиот Исток околу 9 отсто.

Во светот во изминатите седум месеци од оваа болест починаат над 497 илјади луѓе, што е приближно на бројот на починати во светот во епидемија на грип.

Првите случаи на коронавирус беа потврдени во кинескиот град Вухан на 10 јануари, а билеста се појави кон крајот на минатата година.

Во Бразил и Индија во моментов се бележат по 10 илјади нови случаи дневно што е голем притисок за здравствениот систем на овие земји.

Бразил на 19 јуни забележа рекордни 54.700 нови случаи на зараза во еден ден, а експертите проценуваат дека бројот на починати од ковид-19 на овој континент би можел да надмине 380.000 до октомври.

Првите земји кои ја ставија епидемијата под контрола – Кина, Нов Зеланд, Австралија и Јужна Кореја сега бележат нови упорни жаришта.

Во главниот кинески град Пекинг има стотици нови случаи поврзани со маркетот на големо за овошје и зеленчук.