Тренерот на шпанскиот тенисер Рафаел Нафал, Карлос Моја, убеден е дека првиот тенисер во светот ќе биде подготвен до стартот на Завршниот мастерс турнир во Лондон.

Завршниот турнир во сезонава, на кој ќе играат осумте најдобри тенисери во светот ќе се игра од 10 до 17 ноември во „О2 Арената“, а Надал во Лондон пристигна недоволно подготвен.

Шпанецот на мастерс турнирот во Париз го предаде полуфиналниот натпревар на Канаѓанецот Денис Шаповалов, од тогаш нема играно и беше на боледување, а неизвесно е и дали ќе се појави на завршниот турнир.

-Веќе работевме на терените во Квинс, а потоа и во О2 Арената. Тренингот помина добро, одиме чекор по чекор. Ние сме многу внимателни, но имаме уште три дена за подобро да ја процениме состојбата, изјави Моја.

Надал како причина за предавање на мечот во Париз го наведе проблемот со стомачните мускули. Потоа направи детални прегледи, но неговиот доктор  истакна дека не биле во состојба да ја одредат точната локација на проблемот  и затоа препорачува мирување од некоку дена.

Надал ги испочитува советите на докторот и пред неколку дена почна да прави лесни тренинзи.

Рафа почна и да сервира, прв пат од турнирот во Париз. Тоа не беше премногу интензивно, но евидентен е напредокот. Тој би требало да биде спремен да се натпреварува во понеделник, заврши Моја.

Надал првиот меч во Лондон ќе го одигра во понеделник на 11 ноември, а противник ќе му биде Александар Зверев.