Надал размислува на пензија: Ќе бидам среќен и без тенисот!

65

Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер и Рафаел Надал следната недела ќе учествуваат на првиот мастерс сезонава, на Индијан Велс, каде ќе се обидат да дојдат до трофејот, а пред почетокот на турнирот во Калифорнија, шпанскиот тенисер неочекувано говореше за крај на кариерата.

Вториот рекет во светот не е во најдобра форма, откако по финалето на Австралија опен, каде претрпе пораз од Новак Ѓоковиќ, испадна во 1/8 финалето на турнирот во Акапулко од Австралијанецот Ник Кирјос. Тоа покажува дека Надал доаѓа на овој турнир во лоша форма, но исто така неочекувано говореше за повлекување од тенисот.

  • Се почесто мислам што ќе биде кога ќе ја завршам кариерата. Свесен сум дека работите не траат вечно, годините минуваат, па затоа и Новак и Роже и јас сме во завршна фаза од нашите кариери. Тоа е суштината, изјави Надал, а пренесе британски „Експрес“.

Сепак, тенисерот од Мајорка се надева дека крајот на кариерата нема да биде толку брз, бидејќи моментно има 32 години и има уште многу да понуди на љубителите на овој спорт.

  • Верувам дека повлекувањето нема да дојде брзо, но убеден сум дека и без тенисот ќе бидам среќен, истакна Надал.

Шпанецот потоа говореше за односот кој го има со Федерер и Ѓоковиќ, кои ќе му бидат најголеми конкуренти за трофејот во Индијан Велс, што впрочен истото важи и за останатите турнири.

  • Ги ценам пред се поради заедничкото искуство. Имавме однос полн со почитување, како на теренот, така и надвор од него. Ова е само игра, победуваш, губиш, тоа е дел од нашиот живот, додаде вториот тенисер во светот.