Рафаел Надал пред само неколку дена по 14. пат во кариерата го освои Ролан Гарос, а со тоа и 22. грен слем титула. Тој играше на турнирот во Париз под инјекции поради болките во левата нога, а во интервју за француски „Л‘Екип“ откри дека повредата го мачи долго време.

  • Тоа е нешто во што никогаш не верував, дека повторно ќе бидам конкурентен на 36 години, на најважниот терен во мојата кариера и дека повторно ќе играм во финалето. Не знам што ќе биде во иднина, но ќе дадам се што можам за да продолжам, изјави Надал и со тоа ја отфрли идејата за пензионирање.

Инаку, Надал има проблем со болеста „мулервајс“ од 2005 година, а се работи за дегенеративно заболување кое предизвикува деформација на една од коските сместени во средниот дел на стапалото. Во интервју за францускиот весник изјави дека првпат проблемот го почувствувал во 2004 година.

  • Се започна во април 2004 година кога го победив Горан Иванишевиќ во 1. коло во Есторил. Прво имав пукнатина на левата нога. Година и пол подоцна, во финалето на Мастерс 1000 на затворено во Мадрид во 2005 година имав целосен дефект против Иван Љубичиќ, додаде Надал.

Повредата на Надал е повеќе од сериозна, а за тоа најдобро говори што изминативе неколку дена е виден во Барселона како се движи со помош на патерици.

  • По триумфот на Ролан Гарос, Надал ја прими првата радиофреквентна инјекција во Барселона. Ова е прелиминарен третман и ќе бидат потребни неколку дена за да се знае дали делува или не, пишуваат шпанските медиуми, кои наведуваат дека бил подложен да третман за да се опорави за претстојниот Вимблдон.

Поради третманите со инјекции што ги доби на Ролан Гарос, многу спортисти го кренаа гласот наведувајќи дека во нивниот спорт тоа е класичен пример за допинг, што не беше окарактеризирано така во овој случај. Еден од оние кои „удрија“ по Шпанецот е познатиот велосипедист Жилерно Мартин.

Мартин се осврна на изјавата на Надал во која тој призна дека добил голем број инјекции во стапалото за да може да игра.

  • Она што го направи Надал е невозможно за велосипедистите и тоа е нормално за мене. Ако сме повредени или болни, ние не може да трчаме, да возиме велосипед, да се натпреваруваме. Ова е нормално поради неколку причини. Пред сè, поради здравјето на спортистите. Не знам, долгорочно, колку е добро ова што го прави за својот зглоб. Од друга страна, лековите може да влијаат на перформансите на спортистот или да ги подобрат. Затоа ми се чини дека ова беше многу ризично. Ако велосипедист го направеше тоа, дури и да не беше забранет, сите ќе го обвинеа за допинг. Проблемот е предрасудата поврзана со нашиот спорт. Луѓето му се восхитуваат на Надал затоа што претрпи силни болки – изјави Мартин за „Л‘Екип“.