„Вселенско момче“ – детскиот белгиски филм во режија на Оливие Перу, од денеска ќе игра во пет киносали низ републиката. Проекциите почнуваат денеска во 13 часот во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ Неготино, продожуваат во Центарот за култура „АСНОМ“ Гостивар и киното „Милениум“ во Скопје од 15 часот, во Кинотека -18 часот и во Домот на култура „Крсте Мисирков“ – Свети Николе од 20 ч. Проекциите во Кинотека и кино „Милениум“ и онлајн на Cinesquare.net се во рамки на проектот KidSquare – Детско катче, поддржан од Град Скопје. Сценариото е на Еузебио Лареа и Оливие Перу.

Младиот протагонист во „Вселенско момче“ е 11-годишниот Џим  кој е вљубеник во вселената и науката. Доселувајќи се во нов град со татко му, Џим треба да учествува на натпревар за млади научници со неговата соученичка Ема, чувствително и срамежливо девојче. И покрај нејзината неподготвеност, Џим ја убедува да го имитира проектот „Екселсиор“ на Китингер (првиот човек кој стигна до границата на вселената во 1960 година) и тајно да направи вистински воздушен балон. Овој талент го наследува од неговиот татко, Греам, астрофизичар кој треба да оди на вселенска мисија. Но, кога открива дека Греам се откажал, неговиот свет се распаѓа… Натпреварот се претвора во опсесија и Џим сака да докаже дека нема да се откаже како неговиот татко.