Традиционалната награда „Менада“ за поддршка на современиот танц, која ја доделува Бордот на фестивалот „Танц фест Скопје 2023“, годинава се доделува на Универзитетот „Кодартс“ од Ротердам Холандија. Со овој универзитет Интерарт културниот центар, соработува 15 години и со чија поддршка е основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава и на  Универзитетот „Гоце Делчев“, на кој во 2017 година се вдоми Катедрата за современ танц.

„Сметаме дека е исклучително значајна работата на двата универзитета, нивниот сенс и однос кон современата култура, со посебен акцент на квалитетот на наставата, извонредната продукциска програма која им ја овозможуваат на студентите. Академијата за современ танц при Кодартс универзитетот, во 2008, потпиша Меморандум за соработка со Интерарт културниот центар и Рисима Рисимкин, со која во 2010 започна со работа Скопје танцовата академија, прва образовна програма на универзитетско ниво за современ танц во земјава. Оваа соработка, во која „Кодартс“ за првпат во својата историја, долга преку 80 години постоење, дозволи споделување на наставните програми на универзитетот, беше поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Со тоа се овозможи исклучителен развој на млади уметници, танчари и кореографи, кои кај нас се едуцираат на европско ниво, а програмата привлекува и странски студенти. Оваа програма е прогласена за најдобар проект кој Амбасадата на Кралството Холандија го поддржала во областа на културата кај нас“, посочува Бордот на фестивалот .

Наградите ќе се доделат на 4 април, во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, на свеченото отворање на фестивалот „Танц фест 2023“, на кое ќе се изведе претставата на Кодартс танцовата компанија „Таленти во движење“, а кое се одржува во чест на 30 години дипломатски односи со Холандија!