Навални во болница поради можна респираторна болест

31

Опозицискиот лидер Алексеј Навални со симптоми на респираторна болест е префрлен од затвор во болничко одделение, каде бил тестиран за корона вирус, објави рускиот весник Известија, пренесува агенцијата Ројтерс.

Ваквиот развој на настаните доаѓа откако критичарот на рускиот претседател Владимир Путин минатата недела започна штрајк со глад и го обвини затворскиот персонал за одбивање да му дадат соодветно лекување против акутните болки во грбот и нозете.

Навални претходно тврдеше дека има епидемија на туберколоза во затворскиот оддел во којшто е сместен. Тој напиша дека три лица веќе биле хоспитализирани со здобиена туберкола. Во моментов, Навални има висока температура и кашлица, јавува Би-би-си.

Навални напиша на Инстаграм дека доколку има фатено туберколоза, тогаш тоа можеби ќе ги истера неговите болки во грбот и вкочанетоста на нозете. Покрај тоа што се жали на лоша кашлица, тој ја информираше јавноста дека здравствените власти му измериле температура од 38,1 степени.

Руската полиција денес ги зајакна безбедносните мерки во градот Покрово, каде лидерот на опозицијата Алексеј Навални издржува затворска казна, затоа што неговите приврзаници се подготвуваат да одржат протест пред затворот и да испратат барање до властите да му обезбедат соодветна медицинска грижа.

Раководството на затворот во Покрово објави дека здравствената состојба на Навални е задоволителна и дека му е обезбедена сета неопходна медицинска нега.

Московскиот дневен весник Известија, објави дека утрово импровизиран полициски контролен пункт и метални бариери од 100 метри биле поставени пред портата на затворот Покрово.

„Затворот сега е под посебен режим на безбедност“, потврди руската полиција за Ројтерс.