Набавени две возила за прифатилиштата за бездомни животни

55

Набавени се две возила за прифатилишта за бездомни животни во Југоисточниот плански регион, во Струмица и Валандово. Возилата на претседателот на Советот на градоначалници на регионот, Коста Јаневски му ги предаде Жулиета Ѓуркова, раководителка на Центарот за развој на Југоисточниот плански регион.

– Возилата засега се во сопственост на Центарот, а на следната седница на Советот на Југоисточниот плански регион со одлука ќе бидат дадени на трајно користење и одржување на општините Струмица и Валандово, каде што ќе се наоѓаат прифатилиштата. Главна цел на проектот е подобрувањето на безбедноста на граѓаните во Југоисточниот плански регион преку заштита и згрижување на бездомните животни во регионот – изјави Ѓуркова.

Таа додаде дека во меѓувреме се работи на подготовка на студија за одржливо управување со двете прифатилишта и благосостојба на бездомните животни во Југоисточниот регион, која ќе послужи за утврдување на соодветен модел за одржливото понатамошно управување со прифатилиштата.

– Изградбата на прифатилиштето во Валандово е во почетна фаза, додека пак, прифатилиштето во Струмица е целосно изградено и во моментот се работи на поврзувањето на водоводната и канализациска мрежа. Кон крајот на август, најдоцна почетокот на септември треба да пристигне комплетниот мебел и опрема, по што истиот веднаш би можел да биде ставен во функција – информираше Ѓуркова.

Инаку, проектот е финансиран од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој, а  во прифатилиштата изградени преку овој проект ќе се згрижуваат кучињата од целиот регион.