М-р Кире КОЛЕВСКИ: Како да се изгради успешен систем за гасење на пожари

354

М-р Кире Колевски воен пилот, инспектор во Агенција за цивилно воздухопловствоКако и секоја година и оваа сме сведоци на уште едно „изненадување“ кое ни го приреди Мајката Природа во соработка со нашата неподготвеност и неорганизираност на повеќе нивоа на државата, што впрочем беше и инспирација за да го напишам овој текст и неформално да предложам некои идеи за решавање на проблемот. За жал, како нација со кратко памтење мислиме дека оваа година е најстрашната година со пожарите и истите ги забораваме после првиот дожд, без да се сетиме дека Македонија се справува со пожари од самиот почеток на независноста со дури и повеќе човечки и материјални жртви.

За пример ќе го земам пожарот од 2012 година во Струмица со 4 жртви со смртни последици и 14 повредени, но кој се сеќава за тоа и покрај споменикот кој денес немо сведочи за трагедијата. Исто така пожарите на планината Плачковица и Шар Планина од 2000 година кога на помош пристигнаа хеликоптери од Бугарија, Чешка и Германија (SFOR/BIH) се далечно минато, кога нашите пријатели помогнаа во трагедијата, но и тоа е паднато во заборав. Би можел хронолошки да ги набројувам пожарите на уште две страници со изгубените хектари, кубици, потрошени летачки часови и изморени пожарникари, војници, полицајци и доброволци, но тоа нема да помогне.

И покрај базичната законска регулатива за справување со пожарите нашата држава сè уште ги нема преболено транзициските болести во организацијата на ефикасен систем за справување со пожари. За пример ќе ги земам Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), кои како дел од подготовките за членство во НАТО 2006 година произлегоа од АРМ и ТО, но останаа заглавени во “ладната војна” со испреплетени ингеренции и задачи без јасна мисија и визија за двете организации. Законот за заштита и спасување, Законот за пожарникарство како и Националната стратегија за заштита и спасување се добра база за организацијата на борбата со пожарите, но како и со ред други регулативи во државата недостасува “врзувачко ткиво” и “хидраулика” која ќе ги движи процесите, кои треба да резултираат со успешно справување со пожарите.

Кога веќе сме кај процесите, сакам да напоменам дека успешен систем се состои од процеси, кои како след на операции и настани доведуваат до сакан резултат, односно систем на заштита од пожари кој се гради од изборот на персонал, обуката на истиот, оперативната ефикасност, научените лекции и сето тоа системски организирано и поддржано со соодветни материјално-технички средства и инфраструктура за потребите на персоналот и обуката.

Дел од проблемите со гасењето на пожарите се должи на голем број на средства кои се од различни министерства и агенции кои имаат оперативна команда врз средствата и не дозволуваат истите да се употребуваат врз основа на ситуацијата на теренот или според насоките на локалниот лидер за гасење на пожарот. За пример ќе земам хеликоптер на АРМ кој за да се ангажира по барање на ЦУК и истиот да се одобри низ командните канали на АРМ и МО потребно е време кое најчесто го надминува критичниот период за дејствување што резултира со проширување на пожарот. Исто така МО/АРМ со својата оперативната команда врз леталото може да го врати во база или да го пренасочи без да го консултира локалниот ПП лидер.

Во регионов неколку држави имаат изработено национални стратегии за заштита од пожари со важност од 5 до 10 години каде што подетално се артикулира ова што накратко сакам да го презентирам. Истите имаат функционална стратегија и материјално технички средства за справување со пожарите кои се добар пример како да се дејствува на државно ниво со капацитетите со кои располага и истовремено да биде контрибутор за пријателските држави на кои им е потребна помош.

Она што сакам да го предложам е максимално искористување на постоечките капацитети во државата, за кои сум убеден дека ако се добро поставени и организирани ќе можат да се справат со пожарите без надворешна помош. Нашата држава располага со искусен кадар кој, за жал, искуството го стекнуваше дома справувајќи се со пожари кои според големината и сериозноста претставуваат предизвик и за поголеми и подобро организирани држави од нашата.

Сакам да потенцирам дека во борбата со пожарите главна активност е превенцијата односно раното откривање и гасење на пожарот, додека истиот е локален и не предизвикува опасност. Ако се дозволи истиот да се прошири, гасењето на пожарот е тешка мисија со непредвидлив резултат и за поопремени и побогати држави од Македонија, како што можевме да видиме летово со пожарите во Грција и Турција. За жал, самата превенција на пожари во нашата држава е инцидентна и дозволуваме пожарот од локален да се прошири на регионално ниво, кој многупати не може да се контролира. Лично во секој мој лет кога ќе приметам пожар ја известувам надлежната контрола на летање (АКЛ Скопје или АКЛ Охрид) за локација, и големината на пожарот. Контролорот ми потврдува дека ја известува надлежната служба, но понатака во најголем дел од случаите ништо не се презема и се дозволува пожарот да се рашири. Длабоко сум убеден дека ако истиот се превенира со 1 до 2 налета на Air Tractor-ите или со воените хеликоптери пожарот ќе се угаси и сите следни главоболки ќе ги нема.

Без да навлегувам детално во стратегијата или тактиката за гасење на пожари сакам да ги презентирам моменталните ресурси и да предложам начин на справување со пожарите кој ќе биде сразмерен на нашите капацитети и способности како држава со сите предности и недостатоци кои ги имаме.

Во државниот апарат во неколку министерства и агенции постојат доволен број на хеликоптери, авиони и противпожарни возила како и доволен и обучен персонал за ангажирање на истите.

Во моментов располагаме со:

– 5 транспортни хеликоптери Ми-17,Ми171 со капацитет од 2500 литри вода

–  2 повеќенаменски хеликоптери Бел 212/412 со капацитет од 600 литри вода

– 3 авиони  Air Tractor AT-802F со капацитет од 3000 литри вода или 296 литри ретардант

– 5 хеликоптери Бел 206 за потребите на рано откривање на пожари

– 6 авиони ЗЛИН 242 за потребите на рано откривање на пожари

– 3 беспилотни летала „хермес 450“

– 240 противпожарни возила за потребите на гасење на пожарите од земја

– Доволен број на човечки потенцијал од редовите на локалните ПП единици, ДЗС, ЦУК, воени и полициски сили.

Предлагам со решение на Владата на РСМ да се формира времена здружена група (ЗГ) со временска база од 01.07. до 31.09. со единствена мисија на превенирање и гасење на пожари на целата територија на Македонија.  Групата би била формирана со човечки и материјален потенцијал од ЦУК, ДЗС, МО, МВР и подрачните ПП единици. На чело на оваа група да се одбере еден човек кој ќе ја има извршната надлежност (контрола) на сите доверени средства и човечки потенцијал во дадениот временски период. Сметам дека човек од ЦУК би можел да биде на чело на оваа формација бидејќи лично познавам доволен број на квалитетни вработени со големо искуство со пожари и војничко минато кое би било гарант на добра организација и ефикасност на здружената група. Со ваков пристап кон пожарите ќе се дефинираат и ограничувањата за летови со високи надворешни температури согласно упатството на производителот на воздухопловите и можноста за гасење пожари ноќе согласно обученоста на екипажите, без да се има сомнеж во условите за летање и оптеретувањето на пилотските екипажи.

Министерствата и агенциите за да не ги нарушат нивните секојдневни задачи согласно доделената мисија да учествуваат со дел од нивните капацитети, при што можна е ротација на персоналот и средствата но номиналниот број на доделените средства останува ист .

Министерството за одбрана времено да отстапи на ЗГ:

– 2 транспортни хеликоптери Ми-17 со капацитет од 2500 литри вода или транспорт на 24 пожарникари

–  1 Бел 206 за потребите на рано откривање на пожари

–  2  авиони ЗЛИН 242 за потребите на рано откривање на пожари

Министерството за внатрешни работи времено да отстапи на ЗГ:

  • 1 транспортен хеликоптер Ми-171 со капацитет од 2500 литри вода или транспорт на 24 пожарникари
  • 1 повеќенаменски хеликоптер Бел 212/412 со капацитет од 600 литри вода или транспорт на 10 пожарникари
  • 2 беспилотни летала „хермес 450“

Дирекција за заштита и спасување времено да отстапи на ЗГ:

  • 3 авиони Air Tractor AT-802F со капацитет од 3000 литри вода или 296 литри ретардант
  • Расположив човечки и материјален потенцијал согласно регионалната поставеност

Центар за управување со кризи да додели на ЗГ:

  • Расположив човечки и материјален потенцијал согласно регионалната поставеност
  • Регионалните ПП единици под контрола на локалната управа да отстапат:
  • Расположив човечки и материјален потенцијал согласно регионалната поставеност

Сите горенаведени средства во дадениот временски период би биле под оперативна контрола на ЗГ, со што би се овозможилa единствена команда и контрола при превeнцијата и гасењето на пожарите. ЗГ со полн капацитет би функционирала во работно време, додека за време на викенди и празници со дежурство на 1 ЗЛИН 242/Бел 206 и домашна подготвеност на екипажите и воздухопловите од 2 часа вон работно време и празници. Материјалните и финансиски импликации остануваат на товар на министерствата и агенциите со што ЗГ ќе биде растеретена од логистичките предизвици.

Тактиката на превенцијата и гасењето на пожари во кратки црти би се состоела од дневна рутина на полетување на еден авион ЗЛИН 242, Бел 206 или беспилотно леталo „хермес 450“ во 09:00 часот наутро и 15:00 часот попладне со стандардна маршрута на обиколка на целата територија на државата во времетраење од 2 часа или многу подолго и подетално ако се работи со беспилотното летало „хермес 450“. Беспилотните летала „хермес 450“ на МВР се идеални за рано откривање на пожари во дневни и ноќни услови (мала крстаречка брзина и непрекинато летање од 17 часа) и се најевтин ресурс за оваа намена.

Во случај на пожар пилотот или операторот на беспилотното летало ја известува регионалната контрола на летање (АКЛ Скопје или АКЛ Охрид), која ја информира ЗГ за локацијата и големината на пожарот.

По добивањето на информацијата 1 Air Tractor AT-802F со 3000 литри вода полетува за превенирање на пожарот, додека останатите Air Tractor-и се подготвуваат за полетување во случај на неможност за гасење со 1 налет. Ако пожарот не се угаси со Air Tractor-ите, се ангажираат 2 хеликоптери Ми-17, кои со својата карактеристика да полнат вода во близина на пожарот и можноста за голем број на циклуси на полнење и исфрлање на вода врз пожарот би го угасиле пожарот во текот на еден ден, со што ЗГ повторно се враќа во состојба на подготвеност за евентуални пожари.

Во случај на неможност на гасење на пожарот и излегување на пожарот од контрола, ЗГ ги ангажира и останатите капацитети од министерствата и агенциите, како и регионалните ПП-единици до конечното гасење на пожарот и ставање на ситуацијата под контрола.

Не би сакал да продолжам со деталите, бидејќи сметам дека самата тактика на гасење пожари заслужува поголемо внимание и истата би се изработила од припадници на горенаведените институции, но секако би била во служба на поширока стратегија за гасење на пожари. Крајно време е да се преземе реален напор во справувањето со пожарите, бидејќи светски трендови покажуваат зголемување на бројот на пожари како резултат на затоплување на нашата планета и глобализацијата, која во принцип е непријателски насочена кон природата. Повторно сакам да потенцирам дека превенцијата е мајката на гасењето на пожарите и фокусот на ЗГ и државниот апарат треба да биде на раното откривање и гасење на пожарот, бидејќи, како што напоменав, големите пожари тешко се гасат, многупати и само со Божја помош.

(Авторот е пилот, инспектор во Агенција за цивилно воздухопловство)