Мухарем Сербезовски: Премногу ми е тажно, останав сам, сите мои заминаа – Шабан, Силвана, Џеј, Тома, Уснија, а сега и Аки

618

Македонија, земја на големи пејачки легенди, има уште една таква легенда, од народната музика, а тоа е Мухарем Сербезовски, кој денес живее и работи во Сараево. Од своето Скопје заминал пред триесетина години, но него и родната Топаана постојано ги носи во срцето. Откако пред некое време ја раскажа за медиумите љубовната приказна со Есма Реџепова, набргу беше демантиран од Симеон Атанасов, посинокот на славната пејачка. Но, деновиве, и Мухарем е длабоко трогнат поради смртта на Аки Рахимовски.

– Јас сум, веројатно, сè уште најголемата жива легенда во поранешна Југославија. Сите оние што беа со мене, сите тие мои колеги и пријатели ги нема веќе. Заминаа Шабан Шаулиќ, Тозовац, Цуне, Уснија Реџепова, Новица и брат му Тома Здравковиќ, Силвана Арменулиќ поодамна, заминаа и Џеј Рамадановски, Мерима Његомир, Маринко Роквиќ… Тука мислам и на моите добри колеги од забавната музика, Оливер Драгојевиќ, Арсен Дедиќ, Киќо Слабинац, а сега и големиот Аки Рахимовски. Останав, луѓе бре, сам! Тоа убива. Премногу ми е тажно сето ова – раскажува Мухарем, кој напиша дури и тажна песна за починатиот пејач Синан Сакиќ – „Синане, легендо“!

Скопјанецот кој се прослави со хитовите „Црнокоса Хатиџе“ и „Зашто су ти косе побелеле, друже“ отворено признава дека му е тешко што останал „без своите музички соборци“, колеги со кои имаше успешна кариера, но со кои беше и пријател.          Мухарем почнал рано да пее, уште на 14 години и бргу станал омилен пејач поради својот специфичен начин на интерпретација. И денес има многу свои обожаватели, но и многу свои читатели, бидејќи има напишано дури седум романи. (Д.М.)фото:ФБ