Муфте метро на подвижни ленти покрај кејот на Вардар

496

Иако е длабоко во осмата деценија од животот, Иван Стојковски е се уште хиперактивен. Идеите за проекти кои водат кон подобрување на живеењето на скопјани ги црпи од секојдневните проблеми во градот, а се потпира на своето долгогодишно искуство како инженер архитект.

Вели дека дошол на идеја како да се направи метро со подвижни ленти со кое нема целосно да го реши проблемот со сообраќајот низ градот, но е сигурен дека ќе го ублажи. А сето тоа, тврди дека нема да има финансиски импликации врз градската каса, затоа што концептот му е осмислен подвижното метро да се реализира со донации, така што скопјани, како што нагласува, ќе добијат таканаречен муфте (џабе) превоз.

Стојковски како долгогодишен редовен читател на весникот ВЕЧЕР каде што омилена страница му е Скопска од која, како што вели, редовно се информира за случувањата во метрополата, одлучи својата идеја за метрото да ја обелодени токму овде.

– Јас сум роден маџирмаалец. Од мали нозе со другарчињата трчав и играв покрај кејот на Вардар, се капевме во реката. Подоцна таму одевме на корзо, се шетавме затоа што е преубаво место, кое плени со убавина, пријатност и свежина. Сега кејот на Вардар не се користи буквално за ништо. Оттука ми дојде идејата некако кејот да заживее, но не само делот кај Маџир Маало, туку целиот десен кеј на Вардар од Ѓорче до Лисиче, затоа што оваа дестинација од приближно 25 километри има потенцијал токму за подвижно метро – почна да раскажува Стојковски.

Тој во нашата редакција донесе и макета како би изгледало подвижното метро.

– Моето решение е едноставно и економично затоа што предвидува поставување на две подвижни хоризонтални ленти кои би се движеле во две насоки, слично како брзите ленти што ги гледаме по аеродромите. Нив ќе ги движат мотори кои ќе се напојуваат со електрична енергија од соларни панели што ќе бидат инсталирани на полукружните проѕирни сводови што ќе ги покриваат подвижните ленти – вели Стојковски. 

Идејата на Стојковски е подвижните ленти да бидат со должина од околу 20 метри и со полукружните сводови да се формираат покриени простори со влез и излез, а во кои ќе бидат поставени телевизори и клупи за седење.

– Освен што е еколошки проект, тој нема да го наруши природниот амбиент на околината, а е многу функционален. Секој што ќе застане на брзата лента, практично ќе влезе во затворениот простор и откако ќе го помине, излегува надвор, ќе направи неколку чекори и потоа влегува во другиот затворен простор и така натаму. Доколку пак, сака да се одмори, може да седне на некоја од клупите кои ќе бидат свртени кон реката Вардар или пак, да ги гледа видеата што ќе се емитуваат на телевизорите – објаснува Стојковски.  

Според него, подвижните ленти ќе се движат со околу 6 километри на час, или исто како брзо одење.

– Оваа брзина е идеална за некој кој сака пеш побрзо да стигне каде тргнал. Исто така, тие се практични за бремени жени, мајки со мали деца, стари лица или за некој во инвалидска количка, затоа што застануваат на лентата и се движат без да се заморат – кажува Стојковски.  

Тој очекува подвижното метро масовно да се користи со оглед на тоа што трасата ќе поминува на кејот на Вардар од неговата десна страна и во непосредна близина се наоѓаат познати спортски објекти, како Градскиот стадион „Тоше Проески“, спортската сала „Јане Сандански“, како и Куќата на фудбалот во Ново Лисиче. Токму подвижното метро очекува најмногу да го користат младите скопјани кога ќе одат на некој натпревар затоа што брзо ќе стигнат и нема да им треба автобус или возило, па да му ја мислат каде да го паркираат.

– Исто така трасата поминува во близина на поголемите хотели: „Александар палас“, „Холидеј ин“ и „Хилтон“, потоа крај многу посетените трговски центри ГТЦ и Ист Гејт. На педесетина метри од кејот е Меѓуградската автобуска станица и Железничката станица, како и многу други значајни објекти, како Народниот театар, Музејот на народната борба, Археолошкиот музеј до кои од подвижното метро ќе се стигнува за само 5 минути. Исто така, долж трасата има мноштво станбени згради во населбите Ново Лисиче, Аеродром, Карпош, Ѓорче Петров. Сите тие жители можат многу лесно да дојдат до кејот и да се качат на подвижните ленти и да ги посетат погоре посочените локации – вели Стојковски.

Според него, оваа негова идеја е многу лесно изводлива, а доколку би била прифатена како проект, би можеле да го финансираат странските амбасади во нашата држава.

– Во 2023 година се навршуваат 60 години од скопскиот катастрофален земјотрес. Тогаш преку 88 држави ја покажаа солидарноста за Скопје повторно да се изгради. Зошто да не бидат повторно солидарни, но овој пат со тоа што би учествувале во ваков проект со своја народна амбасада. Имено, тие би финансирале еден сегмент од подвижното метро и би имале свое катче каде што на телевизорите би се емитувале филмови или промотивни емисии за дотичната држава, на пример туристичките или економските потенцијали  – објаснува тој.

Очекува дека оваа идеја би била прифатена од странските амбасадори, прво како уникатна во Европа и светот, а второ овој проект би останал како вечен спомен на градот на солидарноста.

Неговата идеја за бесплатен (муфте) превоз е во корелација со плановите на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, која исто така најави дека за две години од сега скопјани ќе се возат бесплатно во нови автобуси што не загадуваат. Вели дека стапил во контакт со новата скопска градоначалничка која му ветила дека ќе го прими за да ѝ ја презентира идејата.

Светлана БЛАЖЕВСКА – Фото: П.С. – Н.Б.