Мурињо ја сака титулата од 2018 година

129

Веќе неколку дена главна тема во Англија е казната која ја доби актуелниот шампион, Манчестер Сити, поради непочитување на Финансискиот фер-плеј. Во петокот, Европската куќа на фудбалот (УЕФА) донесе одлука со која му се забранува на англискиот премиерлигаш да се натпреварува во најквалитетното клупско натпреварување, Лигата на шампиони, во следните две сезони. Сосема очекувано, раководните лица на популарните „граѓани“ веднаш поднесоа жалба до Спортскиот арбитражен суд во Лозана.

Поради непочитување на Финансискиот фер-плеј можно е Сити да добие драконска казна и од Фудбалската федерација на Англија и да биде исфрлен од Премиер лигата.

Јасно е како ден дека Сити со години ги кршел строгите правила на УЕФА, а англиската јавност откри дека е можно актуелниот шампион да ги загуби сите трофеи кои ги има освоено во изминатите неколку години.

Такво нешто посакува и менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо, кој се надева дека ќе му биде припишана шампионската титула од 2018 година, кога со тимот на Манчестер Јунајтед заврши на втората позиција.

  • Мојот став е да не трошам ниту една секунда од моето време за анализирање на нешто кое треба да го анализираат УЕФА или ФИФА. Сепак, ако се одлучам за некаква анализа тогаш сакам да прашам дали титулата од сезоната 2017/18 ќе биде доделена на второпласираниот Манчестер Јунајтед. Да или не? Тоа е нешто многу интересно, изјави „специјалниот“.

Во сезоната 2017/18, Мурињо беше предводник на Јунајтед кој заврши на втората позиција со 19 бода помалку од градскиот ривал. Неколку дена подоцна Португалецот изјави дека второто место му е најголем успех во тренерската кариера.

Од исфрлањето на Сити може да профитира и тимот на Тотенхем кој е во игра за местото кое води во Лигата на шампиони. Доколку биде одбиена жалбата на Сити тогаш и петтата позиција ќе гарантира настап во ЛШ.

  • Не размислувам за четвртата или петтата позиција на табелата. Единствено на кое мислам е тоа дали можеме да одиграме уште подобро, да освоиме повеќе бодови, да бидеме на најдобрата можна позиција. На крајот од сезоната ќе видиме на која позиција сме завршиле. Не очекува голема борба, додаде Мурињо.