Џејми Карагер, легендарниот капитен на Ливерпул и стручен коментатор на Скај Спорт, смета дека Жозе Мурињо го има уназадено Тотенхем и дека лондонскиот премиерлигаш има потреба од неколку квалитетни засилувања за да биде на исто ниво на кое беше додека во менаџерското столче седеше Маурицио Покетино.

Популарните „петли“ веќе подолг период се мачат, играат под очекуваното ниво и бележат променливи резултати, но пред да биде ставен крај на соработката со аргентинскиот стручњак, Тотенхем беше дел од финалниот натпревар во Лигата на шампиони и се бореше за титулата во Премиер лигата.

Поранешниот репрезентативец на Англија е убеден дека Тотенхем многу потешко може да дојде до некаков трофеј под водство на Мурињо.

  • Покетино имаше потреба од еден или двајца фудбалери со кои сигурно ќе ја освоеше шампионската титула. Жозе Мурињо има потреба, поради начинот на кој сака неговиот тим да игра, а играчите не се навикнати на таков начин, од четири или пет квалитетни засилувања. Само така ќе го врати Тотенхем таму каде што беше оставен од Покетино, изјави Карагер.

Неговиот партнер во коментаторското студио, легендарниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Гери Невил, е убеден дека навивачите на Тотенхем го имаат загубено трпението и веќе не им се допаѓа стилот на игра кој го форсира Мурињо.

  • Во минатото таквите натпревари ги дефиниравме како мајстории на Мурињо. Мислам дека играта е сега променета, особено откако Гвардиола пристигна во Премиер лигата. Потоа е променета и поради Јурген Клоп. Станува збор за прогресивен стил на игра. Не знам колкав е бројот на навивачи кои го прифаќаат прагматичниот стил на игра кој го форсира Португалецот, изјави Невил.

Тотенхем е моментално осмопласиран во домашниот шампионат и има девет бода помалку од Челзи, кој е на четвртата позиција која гарантира пласман во групната фаза од Лигата на шампиони.