Откако екипата на Шкендија го мина романски Ботосани, македонските љубители на фудбалот веднаш се израдуваа на доаѓањето на уште еден гигант, тимот на Тотенхем, во рамки на 3. квалификациско коло во Лигата на Европа.

Многумина од нив веруваа дека со доаѓањето на премиерлигашот во Скопје, кој има многу звучни имиња во своите редови, ќе успеат да направат „селфи“ со Жозе Мурињо, Хари Кејн, Деле Али, Герет Бејл, но залудно…

Според информациите од таборот на „спарси“, тренерот Жозе Мурињо решил експедицијата на „петлите“ воопшто да не го напушти хотелот во кој се бидат сместени, освен, секако, за натпреварот на арената „Тодор Проески“, кој ќе се одигра денеска во 20 часот.

Португалскиот стратег последниот тренинг пред мечот го одржи в среда во својот тренинг-камп, по што со чартер-лет допатува во Скопје, каде што англискиот тим ќе биде во целосен карантин до средбата со тетовци.

Мурињо нема да ја одржи ниту традиционалната прес-конференцијата, а лондонци дома ќе си заминат веднаш по натпреварот.

Инаку, Тотенхем важи за апсолутен фаворит пред натпреварот со Шкендија.