Мултимедијалниот проект „Играш како што другиот ти свири“ од Исмет Рамиќевиќ во КИЦ

302

Во Изложбениот салон Империјал 1 и Салон 19:19 при Културно-информативниот центар, на 25 ноември во 20 часот ќе се отвори Мултимедијалниот проект од циклусот Молк – „Играш како што другиот ти свири“ од ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ.

„Скулпторскиот интерактивен проект претставува серија од различни удирачки и жични инструменти инспирирани од историјата на балканските,  европските и азиските музички култури. Дискретната хибридна визуализација на музички инструменти чии тела дискретно се акцентирани и завршуваат со реалистички или стилизирани куршуми измоделирани се во комбинирана техника. Во извесна смисла овој проект претставува продолжение на претходниот монументален антимилитантен проект ‘Молк’. Ваквата хибридизација на инструментите, како и глобалната, а особено локалната политичка состојба, спонтано го генерира насловот кој во себе содржи истовремено и констатација но пред сè апел, да не ‘Играш како што другиот ти свири’. Самиот наслов непосредно реферира на влијанијата на светските центри на моќта кои се рефлектираат и реперкуираат во сите сфери на човечкиот живот. Освен за професионалните музичари, проектот е отворен за интеракција и со публиката, така што музицирањето со различните инструменти, суптилно ќе го претставува отпорот кон севкупната современа политичка состојба“, стои во најавата кон изложбата која ќе биде отворена до 30 ноември.