Музички перформанс „Вино преточено во чаша љубов“ во Ресен

50

„Вино преточено во чаша љубов“ е насловот на музичкиот перформанс што вечерва се одржа во ресенскиот Сарај, во организација на Домот на културата „Драги Тозија“.

Присутните ги забавуваа пијанистот Гоце Милошевски, Панде Сековски на гитара и солистите Ташко Каранфиловски и Елена Сековска. Локални поети читаа поезија, а инспирирани од виното и љубовта уметниците на здружението „Преспа арт“ насликаа неколку слики.

Целта на настанот, што требаше да се одржи на 14 февруари, но беше одложен поради дводневната жалост во државата, според директорот на Домот на културата Васко Василевски, е да се прослават виното и љубовта.

– Сакавме да направиме спој меѓу љубовта и виното. Концертот беше инспириран од денот на вљубените свети Валентајн и денот на лозарите Свети Трифун, 14 февруари. Публиката уживаше во музичкиот перформанс, а својата креативност ја изразија и Преспанките уметници, изјави Василевски за МИА.

Концертот „Вино преточено во чаша љубов“, како што посочи, е почеток на културните настани за оваа година во Преспа.