Музичката легенда Роџер Вотерс го обвини НАТО дека ја провоцира Русија – откажани концертите во Полска

375
Фото: screenshot youtube

Планираните концерти во Полска на коосновачот на „Пинк Флојд“, Роџер Вотерс, беа откажани поради бесот околу ставот на музичарот за војната во Украина, објавија полските медиуми. Сепак, музичарот тврди дека е жртва на цензура.

Претставник на Таурон Арена во Краков, каде музичарот требаше да одржи два концерта во април 2023 година, изјави дека тие нема да се одржат.

„Менаџерот на Роџер Вотерс одлучи да се повлече – без да наведе причина“, изјави Лукаш Питко од Таурон.

Концертите во Краков, претходно закажани за 21 и 22 април, повеќе не се наведени на веб-страницата на турнејата на Вотерс „This Is Not a Drill“. Градските советници на Краков се очекува следната недела да гласаат за предлогот Вотерс да се прогласи за „персона нон грат“а, изразувајќи „огорчување“ од ставот на музичарот за војната во Украина.

Сепак, Вотерс ги негира тврдењата на Питко и тврди дека ниту тој ниту неговата управа не ги откажале претстојните настапи во Краков.

„Вистина е дека градскиот советник на Краков, Лукаш Вантуч, се закани дека ќе одржи состанок на кој ќе побара од Советот да ме прогласи за „персона нон грата“ поради моите јавни напори да ги охрабрам сите оние кои се вклучени во катастрофалната војна во Украина, особено американската влада и Русија, да работат на мировните преговори, наместо работите да ескалираат кон горчливиот крај, што може да биде нуклеарна војна и крај на животот на оваа планета“, наведе тој во изјавата.

На почетокот на овој месец, Вотерс напиша отворено писмо до првата дама на Украина Олена Зеленска во кое ги обвини „екстремните националисти“ во Украина дека ја  „довеле таа земја на патот на оваа катастрофална војна“.

Како што пишува британски Гардијан, 79-годишниот музичар го критикуваше и Западот дека ја снабдува Украина со оружје, а особено го обвини Вашингтон. Вотерс го осуди и НАТО, обвинувајќи го дека ја провоцира Русија.

Ова не е прв пат британскиот кантавтор да го искаже својот став за меѓународната политика. Така, во 2019 година, тој го критикуваше хуманитарниот концерт во стилот на Live Aid, кој беше искористен за собирање помош за Венецуела, тврдејќи дека тоа е обид на оние кои ги поддржуваат САД да ја оцрнат социјалистичката влада на таа земја.