Музејот Свети Николе има проект: Ќе се конзервира кралската палата на локалитетот „Билазора“?!

136

Се бара конзервација на она што е пронајдено по десет години истражување на археолошкиот локалитет „Билазора“ кај Свети Николе.

Музејот на Свети Николе има проект, а акцент ќе се стави на акрополот и кралската палата, каде што се пронајдени и фрески кои се четири века пред Христа.

Директорот на Музеј на Свети Николе, Александар Данев, вели дека се што е сработено во периодот од 2008 до 2018 може да се види на постојната поставка, а има околу 300 предмети. Со проектот се бараат средства од Министерството за култура да почнат конзерваторските работи, а во процесот е вклучен Институтот за археологија при УКИМ, како и археолози од Велика Британија.

„Потешкиот дел е да конзервираш, бидејќи кога имате нешто под земја 2.400 години и кога ќе го отворите, тоа е изложено на надворешни влијанија. Потребна е итна конзервација, а оваа палата е многу важна и таа е една од трите слични палати, коишто се наоѓаат во нашето соседство, од архаичен тип е и е многу важна за нашата култура, но е и дел од светското културно наследство“, вели Данев.

Билазора се смета дека бил главен град на Пајонците, а постоел од седмиот до вториот век пред нашата ера. При истражувањата пронајдени се различни предмети од керамика, бронза и сребро, но и предмети кои сведочат како Пајонците ги граделе своите живеалишта. Локалитетот се протега на 32 хектари, кралската палата е истражена само една третина, а поголемиот дел од локалитетот не и ниту истражен.